По шесте месеци прекрасно европско патешествие вечерва завршува, до сега, најубавата Вардарова фудбалска приказна. Таа имаше 11 станици на сите страни од континентот, на почетокот беше и поубава, а подоцна дојде до застој, но се може да заврши успешно ако денеска црвено црните слават против Розенборг. Во вкупно 12. меч во незаборавната сезона, шести во групната фаза, и попрецизно во составот Л од Лига Европа, Вардар влегува со серија од пет порази и без бод на табелата. Но вечерва од 21.05 на Филип втори во Скопје многу работи може да се поправат.
„Розенборг негува класичен скандинавски фудбал, а видовме дека тоа и ни одговара против Малме и Копенхаген. Треба да одиграме по земја и да им се спротивставиме на Норвежаните кои бараат воздушни дуели. Се надевам дека достојно ќе се простиме од европското натпреварување и ќе ги израдуваме нашите навивачи“, рече напаѓачот Дарко Велковски.
Средбата на Вардар со Розенборг од фудбалската Лига Европа е вечерва од 21 часот и 5 минути, се игра во Скопје и е дел од шестото последно коло во групата Л во која во истиот термин во Сан Себастијан ќе играат и Реал Сосиедад и Зенит со тоа што Русите во директната пресметка за првото место влегуваат со бод повеќе, и од првото место на табелата.

Оставете коментар