Иванов: Во 21. век е недозволиво оспорување на самоопределувањето

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов по денешната средба со својот турски колега Реџеп Таип Ердоган во Анкара нагласи дека секоја држава има суверено право на самоопределување, кое нема право да ѝ го оспорува друга држава, очигледно мислејќи на Грција во однос на Македонија.

„Во 21. век недозволиво е сувереното право на самоопределување на една држава, гарантирано со Повелбата на ОН, да биде оспорувано од која било друга држава. Разликата околу името треба да се решава во рамките на ОН и во рамката дефинирана со Повелбата на ОН, со резолуциите на Совет за безбедност на ОН, Привремената спогодба и пресудата на Меѓународен суд на правдата од 2011 година. Задирањето во прашања како што е идентитетот, јазикот и Уставот на Република Македонија не придонесува, напротив, го отежнува процесот за изнаоѓање решение. Ме радува фактот што претседателот Ердоган и при оваа посета истакна целосно разбирање за нашите ставови во однос на оваа тема и стои на македонска страна“, рече Иванов.

Шефот на македонската држава се заблагодари за долгогодишната принципиелна и безрезервна поддршка од Турција за Македонија на патот кон полноправно членство во НАТО.