Иванов се попопуларен, 50% граѓани мислат дека греши со мандатот

Претседателот Ѓорге Иванов и институцијата Претседател на Република Македонија и натаму уживаат најголема доверба кај граѓаните на Република Македонија, покажува последната анкета на ИРИ спроведена од 4 до 12 март 2017 година, соопшти кабинетот на претседателот Иванов.
На прашањето, какво мислење имате за институциите во Република Македонија, 42 проценти од испитаниците се изјасниле позитивно за Претседателот на државата, 37 отсто за македонската  Влада, додека 33 отсто од испитаниците имаат позитивно мислење за Собранието на Република Македонија. Позитивното мислење за опозицијата изнесува 34 проценти.
– Во однос на степенот на доверба кон институциите за сработеното во изминатата година, резултатите од анкетата на ИРИ покажуваат дека најголема доверба од 38 проценти, испитаниците имаат во македонскиот претседател, споредбено со Собранието со 23 отсто, Владата со 29 отсто, локалната власт со доверба од 28 проценти, ДИК со 25 отсто, медиумите и судовите со по 21 проценти. Најниска доверба имаат политичките партии со 16 проценти и Комисијата за спречување на корупција со 15 отсто, се вели во соопштението од кабинетот на Иванов.
Македонскиот претседател, како што се наведува, бележи тројно зголемен пораст на неговиот рејтинг на отворена листа, според анкетата на ИРИ.
– И на листата на јавни личности во Македонија, претседателот Иванов е со најпозитивно мислење од страна на испитаниците. На прашањето за која од наведените јавни личности имате позитивно мислење, 41 проценти од македонските граѓани го посочуваат претседателот Ѓорге Иванов, се посочува во соопштението од неговиот кабинет.
Анкетата покажува дека е поделено мислењето на македонските граѓани во однос на недоделувањето на мандатот за состав на Влада на лидерот на СДСМ.
– На прашањето дали ја поддржувате одлуката на претседателот Иванов да не му го додели мандатот за состав на Влада на лидерот на СДСМ, 45 проценти од граѓаните се изјасниле дека ја поддржуваат таа одлука, наспроти 43 отсто кои не се согласни со одлуката на шефот на државата. Според анкетата на ИРИ, 50 проценти од испитаниците пак, сметаат дека претседателот Иванов треба да го додели мандатот на лидерот на партијата што ја има поддршката од мнозинството пратеници во Собранието, наспроти 22 отсто кој сметаат дека тоа не треба да го стори, се вели во соопштението од кабинетот на македонскиот претседател.
Анкетата на ИРИ е спроведена од 4 до 12 март 2017 година на репрезентативен примерок од 1.108 испитаници.