Иванов удри по ЕУ и НАТО: Ако сме мали не сме неважни – не водете двојни стандарди

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска упати оштри пораки кон меѓународната заедница пред се ЕУ и НАТО кои според него водат политика на двојни стандарди кон Македонија.

„Во случајот со Република Македонија, воопшто, не се почитува меѓународниот договор склучен со една наша соседна земја, кој создава меѓународно правни обврски. Имаме и пресуда на Меѓународниот суд на правдата во Хаг која сите ја игнорираат, небаре не постои. Македонија направи многу за безбедноста на Европа, а сè уште се третира како трета земја, па дури и пристапот кон одредени безбедносни инструменти на ЕУ ни е ограничен. Македонија е пример за тоа како една земја може да биде предмет на двојни стандарди кои се граничат со лицемерие, рече претседателот на  Иванов, на отворањето на 28. Годишна сесија на Форумот Кран Монтана, што се одржува во Барселона.

И покрај тешкотиите со кои се соочува неговата земја  претседателот Иванов останува оптимист и се надева дека ЕУ и НАТО, како и земјите од нашиот регион ќе извлечат поуки од овој погрешен пристап кон Република Македонија.

„Имајќи ја предвид темата за која зборуваме, не можам да видам ниту една друга одржлива стратегија за стабилност во услови на глобално непредвидлива средина освен враќањето кон единствениот вид поредок кој даваше стабилност – имено почитувањето, а не наменското толкување на меѓународното право и преземените меѓународни обврски. Ова оди рака под рака со максимална соработка, пред сè, во сферата на безбедноста и на борбата против главните предизвици – екстремизмот и тероризмот“, рече македонскиот претседател.

Претседателот Иванов посочи дека за време на мигрантската криза, Македонија покажала дека не е неважна локација на светската мапа.

„Мигрантската криза ги увери и најголемите скептици во две нешта: прво, дека мала територија не значи и неважна територија и, второ, дека мала земја не значи и мала улога во глобалните процеси’, рече претседателот Иванов.

„Изборот на Македонија беше хуманост, правичност и еднаков третман кога станува збор за хуманитарниот аспект на мигрантската криза; и одлучност и подадена рака за соработка кон сите засегнати, кога станува збор за нејзиниот безбедносен аспект. Секако, мора да се има предвид дека мигрантската криза е само еден од серијата незапирливи глобални процеси со кои човештвото постојано ќе се среќава“, рече претседателот Иванов. 

Иванов од Обединетите нации во кои повеќе од две децении го водиме спорот за името со Грција побара да се реформира затоа што наместо светски поредок сега имаме светски непоредок.

SHARE

Comments are closed.