Избоденото момче, член на „Комитите“, се бори за живот

Осумнаесетгодишното момче, кое завчера беше нападнато од две непознати лица на автобуската станица „Рекорд“ во центарот на Скопје, е во критична состојба на Одделот за интензивна нега во Ургентниот центар во Скопје.

Напаѓачите со остар предмет му нанеле убодни рани на момчето во пределот на стомакот, од што тоа има повреди и на црниот дроб. По неколку интервенции неговата состојба сè уште не е стабилизирана.

Настанот се случил завчера околу 12:40 часот. Момчето било со возило на итна медицинска помош префрлено во Градска општа болница „Св. Наум Охридски“, а од полицијата изјавија дека се работи на расчистување на случајот.

Засега не е приведено ниедно лице, иако во тој дел од градот има многу камери за мониторинг.

Членови на навивачката група „Комити“ објавија дека момчето е нивни член и дека станува збор за напад од страна на навивачката група „Шверцери“.