Избори се ближат, со или без решено име

Вонредни избори ќе има или годинава или најдоцна до следната пролет без разлика дали ќе се реши спорот за името со соседна Грција. Ова е прогнозата на политичкиот аналитичар Сашо Орданоски кој во очекување на расплетот на преговорите околу името предвидува неколку сценарија што ќе се случи доколку тие успеат или сепак завршат неславно.

„Најнапред, и да има и да нема решение со името, се чини дека наскоро, можеби веќе годинава, а секако идната пролет, ќе мора да одиме на вонредни парламентарни избори. Ситуацијата со сегашниот собраниски баланс на силите е неиздржлив за спроведување на каква било посериозна реформска агенда, особено ако се реши спорот со Грција. Сепак, пред тоа ќе следува некаква плукни-залепи реконструкција на оваа Влада, но потоа двата главни владини коалициони партнери, СДСМ и ДУИ, ќе започнат предизборно да се „дриблаат“, да се местат и подместуваат, бидејќи ДУИ, од една страна, не заборава дека СДСМ на минатите избори ги чинеше десетици илјади етнички Албанци кои гласаа за социјалдемократите, и уште којзнае колку кои воопшто не излегоа на гласање; а на СДСМ, од друга, ќе му треба кредибилен наратив за да се правда за своите владејачки потфрлувања“ – пишува Орданоски во колумната за Цивил Медиа насловена „Старата добра македонска бара“.

Според него ВМРО-ДПМНЕ, која сеуште е со „недоизлижани“ рани и „со нејасна правна судбина на моќната мафијашка Фамилија „во сенка“, висната на вратот на новото и сè уште „во пелени“ партиско раководство“, ќе мора рапидно да се консолидира, за да направи подобар изборен резултат од оној на минатите избори. Резонира дека продолжувајќи ја политиката на претходната гарнитура партијата тешко дека ќе најде некаков коалициски албански партнер за во идната своја влада, „ако таквиот евентуален коалиционен кандидат не го стават пред „цевката“ на својот неумолив изборен резултат. Ако не, ќе си одремат уште некој турнус во опозиција“.

„Но, велам, едно е ако продолжиме со затворен македонско-грчки спор зад нас; но, сосема друго е ако решение на спорот со Грците нема, затоа што тогаш се отвораат и други перипетии… Пред сè, повторно некаков предизборен калабалак од „широка влада“ пишува Орданоски.

Тој предвидува дека во таков случај меѓународната заедница веднаш ќе се фати за широко-коалициска „сламка на спасот“ од можна политичка дестабилизација, „па повторно ќе заборават и на демократија и на реформи, туку ќе тргнат да купуваат месец за месец, додека не видат што, точно, ќе се случува на други кризни точки во регионот, но и во самата Македонија“.
А во таков случај Заев ќе се најде во мошне непријатна ситуација.

„Не сум сигурен дека, во таква ситуација, Заев би можел да го издржи притисокот за останување со оваа владина комбинација на власт, особено што ДУИ нема да губи време да се приближи кон своите стари и проверени другарчиња од македонската националистичка опозиција. Додуша, и самиот Заев можно е брзо-брзо да се согласи на таква широко-коалициска комбинација, за да не паднат сите предизборни клетви само врз неспособноста на неговите социјалдемократски кадри во власта – споделување на одговорноста на едно шест месеци пред евентуални предвремени парламентарни избори нема лошо да му дојдат“ – додава Орданоски.