Има ли амнестија или Катица потфрли? Пропадна најскапиот случај на СЈО

Нема време за поднесување обвинение за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, екс-генералниот секретар во Владата на Груевски, Кирил Божиновски и Мартин Протуѓер во случајот „Талир“  на СЈО.

Овој најскап случај во кој беше истражувано финансирањето на ВМРО – ДПМНЕ нема да може да добие правна разврска во овој мандат на СЈО затоа што тројца од осомничените 14 лица  не ги добиле поканите за распит.

„Бидејќи тројцата досега не биле ниту еднаш запознати со истражните наоди на СЈО, Обвинителството не може да им испрати известувања со кои ќе ги повика да направат увид во доказите или да им даде препис од нив, по што и осомничените би имале рок од 15 дена да предложат прибирање други докази. Бидејќи остануваат само четири дена до истекот на рокот за подигнување обвинение, поради овие процесни причини случајот „Талир“ нема да стигне до судот, објави Дојче Веле на македонски јазик. 

Со тоа најобемната истрага на СЈО во која биле спроведени околу 1.000 процесни дејства, сослушани над 260 сведоци, доставени 230 барања за податоци од правни лица, обезбедени над 11.000 уплатници од деловните банки, како и 300 страници анализиран материјал, паѓа во вода.

Официјално СЈО молчи со што ги зголемува шпекулациите дека сепак меѓу водечките македонски политички партии имало некаков договор за амнестија според кој раководството на ВМРО – ДПМНЕ нема да одговара за тешките случаи. Индикативно во овој контекст е што Катица Јанева во изјава за медиумите предходно објави дека има законско право да побара стражарно приведување на осомничените но нема да го искористи.

Нејасно е и зошто СЈО чекаше од 12 јуни кога за голем дел од јавноста и медиумите беше јасно дека дел од осомничените во Талир нема да се појават во судот. Од тогаш поминаа ццели две недели. (читај тука за најавата што доведе до пропаѓање на Талир)

Случајот Талир се сметаше за најсериозниот предмет против екс премирот Груевски и лидер на ВМРО – ДПМНЕ. Во останатите случаи за кои е тој осомничен  како   „Тенк“ (набавка на „мерцедес“), „ТНТ“ (уривање на „Космос“) „Траекторија“ (изградба на автопат), „Титаник“ (изборни измами) за кои се очекува да бидат поддигнати обвининија во законскиот рок СЈО ќе има сериозни проблеми. Во овие случаи се очекуваат пречки во изведување на доказите и пронаоѓање на соодветни сведоци поради што СЈО ќе мора да се потпира доминантно на материјалите од прислушуваните разговори, тврдат извори во судскиот систем.

Во трите случаи за кои досега СЈО подигна три обвиненија Груевски може да биде осуден само за нарачка за удирање шамари на градоначалникот Андреј Жерновски. Во двата други тој воопшто не е дел осомничените.

В петок на 30 јуни истекува законскиот рок на СЈО од 18 месеци за подигнување обвиненија или за запирање на истражната постапка за првите предмети што ги презеде од Јавното обвинителство на 4 декември 2015 година, а кои беа комплетирани на 30 декември, кога СДСМ на СЈО му ги ги предаде и снимките од незаконски следените комуникации.

Според ставот 3 од членот 1, Законот за СЈО ќе биде на сила пет години од усвојувањето од страна на Собранието, и може да се продолжува со двотретинско мнозинство од пратениците.