Интервју на Никола Димитров за Скај ТВ: Сакам да ја видам Грција како најблизок сојузник на Македонија

– Првиот состанок што го имав кога бев избран за амбасадор во Хаг беше со грчкиот колега таму и сега ја продолжувам таа традиција. Министерот Коѕиас ме покани првиот ден кога бев избран и јас сега ја користам оваа прилика, одговори македонскиот шеф на дипломатијата на прашањето зошто толку брзо дошол во Атина по изборот на новата влада во Скопје.

Димитров вчера беше гостин на грчката телевизија Скај во Атина каде што порача дека во Грција дошол затоа што Македонија има проблем со неа а тој како главен дипломат има задача да ги решава проблемите.

На прашањето која е најголемата закана за вашата земја Димитров одговори:

– Минавме низ многу тешки години во кои институциите беа контролирани од една личност или од група луѓе. Оваа фаза заврши на 27 април кога група луѓе влезе во Собранието како резултат на тоа што ЕК го нарекува „Киднапирање на државата“. Некои од полицајците им се придружија на насилниците а некои од насилниците беа дел од партиски структури. Затоа сега имаме задача да ги обновиме институциите и не мислам дека тоа се однесува само на мојата земја туку и на целиот регион. Особено ова се однесува на правосудниот систем, смета министерот.

– Нашата судбина е Европа но предолго чекавме во чекалната за влез. Сакаме да влеземе и во НАТО а чекањето предизвика многу турбуленции. Јас сакам да ги отворам овие процеси за евроатланска интеграција. Патеката зацртана на Солунскиот самит не е проодна, Европа е зафатена самата со себе а некои сили кои што не сакам да ги именувам гледаат предизвик во менување на ситуацијата наследена по распадот на Југославија, изјави Димитров во 20 минутното интервју за грчката телевизија.

Запрашан од водителот за НАТО самитот во 2008 година кога според Грција имало консензус од сите членки Димитров одговори дека може да се спори за тоа кој го ставил ветото затоа што според него консензус има кога се поканува земја членка а не кога се носи одлука за неупатување на покана што е потврдено и од Меѓународниот суд на правдата во Хаг кој пресуди во корист на Македонија. Димитров го потсети водителот дека бил во Букурешт во 2008 како координатор за НАТО и дека за него тоа било еден од најтешките денови во животот и голем пораз на Македонија

Во врска со плановите на новата влада во Скопје за спомениците кои што за Атина се провокација, а истото како што кажа и водителот го смета и премиерот Заев, Димитров изјави дека не сака да зборува за историјата туку за сегашноста и иднината но не одговори прецизно дали  неговата влада ќе ги урива што е очекување на Грција.

На забелешката на водителот дека уривањето на спомениците на Александар и Филип не зависи од парите затоа што и Грција може да помогне за тоа Димитров со став дека и Заев и тој се политичари и дека мора да се види расположението на јавност но дека дефинитивно Грција нема да се соочи со нови споменици или провокации од Македонија.

Според него пораката е дека веќе нема да се оди во насока на провокации и дека тоа веднаш ќе се промени.

Димитров целосно ги отфрли обвинувањата дека Македонија систематски спроведувала иредентизам во училиштата како што тврдеше водителот на ТВ Скај, правејќи паралела со војничките паради во Солун каде што се скандираат антимакедонски и антиалбански иредентистички. Ако се фокусираме на нив ќе можеме да ја обвиниме и Грција за иредентизам, рече Димитров во врска со ова прашање.

На прашањето дали Македонија е подготвена да прифати компромис и да смени нешто за да дојде до решение и да влезе во НАТО Димитров вели дека не би било умно да зборува на таа тема затоа што ќе предизвика штета во спроведување на целите. Негови цели се да има доабр процес, да се воспостави взаемна почит и доверба. Од грчките граѓани побара да размислат какви соседи , каква држава за сосед сакаат. Влезот на Македонија во НАТО според него ќе биде добар чекор за пријателска клима во која двете земји со мали чекори ќе се движат во добар правец и ќе направат потези кои што не можат не вратат назад. Решавањето на спорот  според Диммитров не може да се случи во еден чекор.

На прашањето дали навистина мисли дека Македонија може да влезе во НАТО со ФИРОМ што беше опција која што ја одбил и Караманлис Димитров одговори со новата реалност во земјата и со потребата на регионот од стабилизација.

-Не сум дојден да притиснам туку да побарам помош, изјави Димитров во делот од разговорот кој се однесуваше кој е виновен за состојбата меѓу двете земји. На прашањето кој го смета за најголем сојузник на Македонија министерот изјави дека сака Грција да ја види во таа улога.

Дел од прашањата пставени во оваа интервју беа одговорени и од НИкос Коѕиас во разгоовор со агенцијата АНА – МПА на дваесетина часа пред средбата во Атина.

Во дебатата за името денеска се вклучи и некогашниот амбасадор на Грција во Скопје и Њујорк Александрос Маљас кој вели дека Димитров е најдобриот македонски дипломат.

Интервјуто за грчката телевизија Димитров го даде пред денешната средба со неговиот грчки колега Никос Коѕиас. 

SHARE