Loading...

Ана Дукоска, глобален координатор од Вашингтон на сите протести на движењето „Ние сме Македонија“, во интервју за ekspres.mk најавува борба докрај за петте барања вообличени во декларацијата што досега доби над 26.000 потписи на change.org.

Колку протести, во колку градови и држави одржавте досега и колку луѓе вкупно присуствувале, според ваша проценка?

„Движењето #НиеСмеМакедонија започна со симболичен мирен собир пред македонската Амбасада во Вашингтон, каде што првпат беше прочитана декларацијата и му беше врачена на македонскиот амбасадор во САД, Васко Наумовски, да ја проследи до претседателот, до премиерот и до Владата на Република Македонија. Декларацијата #НиеСмеМакедонија прерасна во петиција, која брои над 26.000 потписи и го заобиколи светот. Досега декларацијата беше прочитана во САД (Њујорк, Чикаго, Детроит), Канада (Торонто), Швајцарија, Германија, Италија, Словенија, Велика Британија, Франција, Данска, Шведска, Малта, Чешка, Холандија и Нов Зеланд. Во период од два месеца вкупно се одржаа над 30-тина протести, вклучувајќи го и светскиот протест што се случи викендот на 3/4 март, со кулминација во Скопје, каде што Македонците имаа уникатна можност да протестираат заедно со Македонците ширум светот преку директен пренос на протестите од дијаспората. Искрено, не би можела да кажам вкупна бројка на учесници од почетокот досега, но знам дека се многу и таа бројка расте од протест во протест. На светскиот протест кој се случи викендот на 3/4 март бројката се движеше над 200.000 Македонци од целата дијаспора, вклучувајќи го и протестот на плоштад ‘Македонија’ во Скопје“.

До кога ќе се потпишува петицијата и кога ќе му ја врачите на македонскиот државен врв?

„Петицијата сè уште активно се споделува и потпишува. Размислуваме да ја оставиме отворена на неодредено конкретно време, но, секако, не во далечна иднина. Целта е да допре до секој Македонец кој се поистоветува со барањата во неа. Најверојатно, би ја предале во најскоро можно време, но, ќе повторам, сè уште немаме одредено конкретен датум“.

Како ги оценувате нападите кон дијаспората од некои кругови во Македонија и оградувањето на партиите од двата протеста во Скопје на 27 февруари и на 4 март?

„Лично, сметам дека граѓаните на Македонија се наоѓаат во една многу тешка ситуација, па наместо да го искажуваат својот револт кон главните причинители, тие ја напаѓаат дијаспората. Како дел од дијаспората, можам да кажам дека и ние имаме еднакво право да го искажеме својот став и револт кон моменталните состојби. Сепак, има многумина од нас кои се родени, израснати, па и образовани во Македонија, но и да не се родени во Македонија, нивните родители биле.

Целта на протестите во дијаспората е да се испрати јасна порака до светските лидери, но и поддршка кон Македонците во Македонија. Секој од нас сè уште има роднини и пријатели во Македонија, па ако не се заинтересирани тие да протестираат или, пак, се спречени од која било причина, ќе протестираме ние сè додека се поттикнат луѓето да излегуваат масовно или сè додека се постигне целта.

Во врска со оградувањето на политичките партии од протестите на 27 февруари и на 4 март, би рекла дека ни направија само добра услуга со тоа што се докажа дека на народот не му треба политичка партија да го организира или мобилизира. Народот е тој што го дава гласот и мандатот, народот е тој што има право да го искаже своето несогласување. Од самиот почеток, непартиското глобално движење #НиеСмеМакедонија под мотото ‘Доста беше’, се повика на народот, односно на сите кои се симпатизери само на една и единствена ‘политичка партија’ – Република Македонија и на нејзините национални обележја“.

Што ако Владата и Собранието останат глуви како досега за вашите барања? Размислувате ли за други форми на притисок покрај досегашните во вид на протести, петиција, обраќања преку социјалните мрежи?

„Мислам дека напоменав претходно дека активностите на движењето #НиеСмеМакедонија не се целосно сведени само на протести, петиција и социјални мрежи. Напротив, има уште толку многу што се случува зад ‘завесата’. Како пример ќе ги наведам големиот број на пишани барања за поддршка испратени до државни врвови итн…

Во секој случај, притисокот ќе продолжи докрај и се надеваме на позитивни резултати“.

 

1 Коментар

  1. „Координаторите“ на протестите само на еден начин можат да покажат колкава поддршка имаат. Ако формираат политичка партија и излезат на избори. Ако успеат да формираат Влада, ќе можат да одат „докрај“ на она што планираат да го направат. Вака, со улични протести, не можат до никаде да стигнат, а камо ли да одат „докрај“. Т.е. можат да одат до онаму до каде што лани стигнаа протестите „За заедничка Македонија“.

Comments are closed.