По насилното изгласување на Законот за употреба на јазиците Обединета македонска дијаспора соопшти дека ги прекинува контактите со Владата. Се обиде ли некој оттаму, сепак, да ве контактира, со оглед на учеството на ОМД во изготвувањето на националната стратегија за дијаспората?

– Прво, да напоменам дека ОМД е основана во 2004 година и е непартиска и невладина организација. Ние комуницираме со сите влади на Република Македонија, што не значи дека имаме целокупна соработка, но должни сме како претставник на дијаспората да ги презентираме нејзините интереси и потреби.

За Законот за јазици ние уште по самата најава за донесување во јули минатата година објавивме дека е неуставен и им штети на унитарноста и на суверенитетот на Република Македонија. Ние имаме член во работната група за градење национална стратегија за дијаспората и сме заинтересирани за подобрување на односите меѓу дијаспората и татковината, но откога го објавивме тој став никој не нè контактирал од македонската Влада за да дознае повеќе за нашиот став и за причините зошто го донесовме.

Како гледате на позиците на оваа влада во однос на името на државата? 

– ОМД од почетокот на своето постоење има став Владата на Република Македонија да се повлече од преговорите за името под покровителство на Обединети нации. Тоа ѝ го соопштивме и на Владата на Бучковски, па потоа на таа на Груевски и сега на оваа на Заев. Отсекогаш сме го имале тој став и не е ништо сменето со доаѓањето на оваа влада.

Друго, во јануари ние станавме многу позагрижени околу состојбата со името и за тоа како се движат преговорите, особено поради тоа што кај медијаторот Метју Нимиц има конфликт на интереси. Прво, неговата секретарка е Гркинка по потекло. Второ, додека беше оперативец, администратор на компанијата „Џенерал Атлантик“, тој инвестираше 120 милиони евра во компанија што има банка во Грција, Саксо банк. Трето, тој има донирано 25.000 долари свои пари за кампањата на конгресменката Каролин Малони, која е основач и претседавач на Групата за пријателство со Грција во Конгресот на САД и која во неделата на протестот пред ОН објави дека Македонија била, е и секогаш ќе биде грчка, како и дека ќе поднесат таква резолуција до Конгресот.

Од овие причини, почнавме глобално движење „Ние сме Македонија“, во координација со повеќе македонски организации во Канада, во Австралија и во Европа, при што се направија речиси 40 протести низ светот. Не можам да кажам дека ОМД е заслужна за целата таа работа, но, дефинитивно, постои координација благодарение на колешката Ана Дукоска од Вашингтон. Многу е добро што целото ова движење е организирано од женскиот пол и верувам дека преку него уште повеќе ќе се организираат активности против промената на уставното име на Република Македонија.

Наведовте пример што покажува дека грчкото лоби има силни врски во САД. Како стоиме ние на тој план? Некои конгресмени и сенатори веќе излегоа со изјави во прилог на Македонија. За колкава група станува збор?

– Оформувањето на групата за пријателство со Македонија е плод на дејствувањето на повеќе Македонци од дијаспората, етаблирани бизнисмени, како покојниот Мајк Илиќ од Мичиген и неговата сопруга Мериен. Во 2011 година во Конгресот е основана Група за Македонија и за интересите на Македонците-Американци. Таа почна со двајца, за денес да брои 35 конгресмени, од кои десетмина се зачленија последнава година. За жал, во Сенатот изгубивме двајца пријатели – еден почина, Воиновиќ, а Лугер не беше реизбран, така што во моментов нема некој што се етаблира како пријател на Македонија во Сенатот. Но, работиме на тоа, моите колеги во Вашингтон имаат секојдневни состаноци за да се зголеми бројот на пријатели.

Албанците, да речеме, немаат толку големо лоби какво што имаа претходно, во Конгресот сега имаат дваесетина пријатели и двајца во Сенатот, Србите 25-30, Црногорците околу 15, Бугарите исто толку, Хрватите речиси 60. Грците имаат 135, но тие ја формираа групата за пријателство уште во 1994 година, а ние во 2011. За седум години 35 пријатели на Македонија сметам дека е добро постигнување. Конгресмените ни стануваат пријатели најчесто поради тоа што имаат некаква врска со Македонија -роднинска или пријателска, а еден конгресмен на 18 години го посетил Балканот и бил во Македонија, многу му се допаднало и поради тоа стана член на групата.

Претпоставувам дека досега имате воспоставено контакти со новата администрација на претседателот Трамп, од кој во Македонија имаше големи очекувања. Но, засега не гледаме дека нешто се сменило кон државава во однос на претходникот Обама.

– Прво, мислам дека македонската дијаспора, како и секоја друга, е поделена. Можеби повеќето Македонци, кога станува збор за надворешната политика, се понаклонети на републиканците поради тоа што под администрација на републикански претседател дојде признавањето на уставното име на Република Македонија. Се сеќавам на времето кога татко ми имаше состанок со група Македонци во Њу Џерси со претседателот Буш, тој кажа дека, ако стане претседател, ќе ја признае Македонија под уставното име.

Верувам дека многу луѓе се надеваа во Трамп, но јас никогаш не го земав тоа здраво за готово поради тоа што тројца Грци работеа во Белата куќа, има двајца Албанци што работат во Советот за безбедност на САД. Така што, не може да се очекува дека, штом некој ќе дојде за претседател, веднаш ќе ни стане пријател. И Обама, иако имаше антигрчка резолуција во Сенатот, која тој ја поддржа додека беше сенатор, кога стана претседател објави: ‘Се надевам дека Македонија ќе влезе во НАТО што поскоро под уставното име’. Видовме дека не се промени политиката во однос на името.

Работата е во тоа што политиката на САД не се менува многу драстично со доаѓање на нов претседател. Требаше година до година и половина за да се сменат многу луѓе од претходната администрација, а сè уште нема нови амбасадори во повеќето држави. И овдешниот американски амбасадор Бејли е веќе три години, ако не се лажам, а, колку што знам, веќе требаше да му заврши мандатот. Тој не е политички поставен, туку е амбасадор од кариера – бил службеник во Стејт департментот. Од Канада, на пример, од каде што имаше големи донации за Трамп, добија амбасадорски позиции, исто како со Обама претходно. Во САД не се менува многу со доаѓањето на нов претседател. Мене ми соопштија уште во јануари 2017 година, два дена откако Трамп влезе во Белата куќа, дека САД нема да го променат амбасадорот во Македонија поради тоа што, доколку го променат, ќе треба да го сторат тоа и во други земји каде што има проблеми со политиката. Така што, ние Македонците мораме повеќе да се посветиме на лобирање и да ги убедиме другите луѓе да сфатат зошто го правиме тоа што го правиме и да стекнуваме повеќе пријателства.

Доаѓаме до клучното прашање – името. Од македонската Влада постојано доаѓаат оптимистички најави дека процесот е на вистинскиот пат и оти очекуваат и се надеваат за решение до мај годинава.

– Уште еднаш ќе повторам дека Македонија мора да се повлече од преговорите за името. Коѕијас и Грција бараат многу работи што ние не смееме да ги дадеме, посебно не измени во нашиот Устав. Не може една држава да бара од друга држава промена на Уставот. Македонија е уценувана често пати. Моите, нашите сознанија од Вашингтон се дека Македонија нема да добие членство во НАТО оваа година и оти самитот нема да биде за проширување. На Македонија тоа и онака не ѝ треба, бидејќи може да стане членка на НАТО секој вторник, кога Алијансата има состанок. Ако Грција сака да ни биде пријател, таа треба да прифати Македонија да влезе во НАТО, ако треба и со референцата, бидејќи Македонија така и аплицирала. Покрај тоа, Македонија ја има и хашката пресуда во своја корист. Работа на Владата е тоа да го искористи, но, за жал, не гледаме дека тоа го користи.

Ние ќе продолжиме да лобираме преку сите канали што ги има на располагање ОМД за да се прекинат тие преговори и за Македонија да напредува на внатрешно економско поле.

Што ако оваа влада, која досега покажа дека нема проблеми со процедури, со деловници, со закони и со Уставот насила да донесе нешто –  така го „избраа“ Талат Џафери за спикер на Парламентот, така го „донесоа“ Законот за јазици – што ако на ист начин го сменат името? Што ќе направите вие како дијаспора?

– Прво, сакам да нагласам дека најголемата грешка е што им се даде амнестија на хашките случаи на времето. Втората грешка е што таков човек се постави за министер за одбрана во 2013 година и потоа немаше никој аргументи за да се спротивстави на него, иако е очигледно дека не го почитува Уставот на Република Македонија, не го почитува Деловникот на Собранието и не ги почитува Македонците. Дали така тој го разбира соживотот, кога гледаме дека има преференции спрема малцинството за сметка на мнозинството граѓани на Македонија, а камоли да води сметка за другите малцинства во државата, кои исто така се граѓани на Република Македонија?

Не можам сега да зборувам што би направиле, бидејќи, сепак, се надеваме дека нема да дојде до промена на името на државата. Затоа и сум тука, за да дознаам повеќе од народот за тоа зошто е загрижен и верувам дека народот е тој што треба да одлучи за иднината на Македонија. Верувам во македонскиот народ. Сме биле потиснати со векови и со децении од различни окупатори и верувам дека ќе го издржиме и овој период, но, дефинитивно, со нашето обединување ќе биде подобро и за државата и за народот.

Каков е вашиот став за други наши иселенички организации, на пример Лига на Македонци-Американци (ЛОМА), која се обрати до турскиот претседател Ердоган со барање да го блокира влезот на Македонија во НАТО со променето име? И во Австралија нашинци беа во Амбасадата на Турција во Канбера.

– Тоа лобирање од страна на дијаспората се случува често. Кога Ахмет Давутоглу беше министер за надворешни работи на Турција приредивме гала-вечера во Чикаго заедно со претседателот Иванов и знаеме дека Турција тогаш поднесе и барање да се промени коминикето на НАТО за Македонија, за таа да напредува со влез во НАТО. Верувам дека освен Турција, која единствена во документите на НАТО инсистира во фуснота да стои дека ја признава Македонија под уставното име, и други држави ќе го направат тоа и за тоа лобираме постојано. Но, верувам исто така дека, ако оваа влада го промени името на Македонија, ќе имаме проблеми. Верувам дека во тој случај македонската дијаспора ќе стане многу поактивна отколку што е сега, а верувајте дека е доста активна и сега. Можеби тоа не се гледа и можеби некој има интерес тоа да не стигнува до јавноста, но ние продолжуваме.

Пред две недели до Советот за човекови права на ОН поднесовме барање за признавање на геноцидот на Македонците. Ќе ги продолжиме таквите и слични иницијативи, за да се информира јавноста ширум светот за нашите проблеми и зошто се бориме за тоа за што се бориме.

Со која од организациите на дијаспорите на соседните народи имате најдобра соработка и поддршка?

– Хрватската, турската, босанската и романската дијаспора ни се најпријателски настроени. Тоа не значи дека немаме соработка со други етнички групи кога станува збор за интересот на регионот. Дефинитивно, имаме поддршка и од еврејската дијаспора во САД сè повеќе и повеќе. Сепак, треба многу повеќе да поработиме на едукацијата и на тоа другите да дознаат што повеќе за нас и да не очекуваме веднаш поддршка, туку неа да ја стекнуваме прво со пријателство.

Кои македонски иселеници ги опфаќате во вашиот состав? Дали само во САД, на американскиот континент или од целиот свет?

– Да прецизирам тука дека ние не сме „чадор“ на македонски иселенички организации, туку сме организација создавана од Македонци надвор од Македонија, кои се нејзини државјани или не се, кои припаѓаат на првата, втората, третата или четвртата генерација иселеници. Ние имаме членови низ целиот свет, најмногу во САД, но и во Канада, Австралија и имаме соработка со повеќето македонски организации – црковни здруженија, фудбалски клубови, филмски фестивали, друштва за историја, младински организации и слично.

Не сте „чадор“, но, сепак, сте најголема и најмасовна организација на македонски емигранти.

– Да, во период од само 14 години ОМД порасна. Ние сме првата македонска организација што не само што отвори претставништво во Вашингтон, туку и вработи луѓе во канцеларијата, а сега тоа го направивме и тука во Скопје, за да имаме претставник и овде. ОМД функционира со поддршка од своите членови и донатори. Немаме добиено пари од ниедна влада и не планираме да добиваме и да прифатиме пари. Дијаспората, сепак, треба да биде натпартиска и надвладина и жално би било ако ние не можеме да се финансираме сами.

1 Коментар

  1. За Нас Битни се следните 6 принципи во Меѓународното право:
    1. Државите немаат ексклузивни права на државни имиња. (РМ е правен идентитет на држава со дефинирани граници, а Македонија е назив на гео. регионот)
    2. Менување државни имиња не влијае на територијалните права и обврски на своја, како и на туѓа држава. Ниту овие менувања може да се толкуваат како територијални претензии или иредентизам.
    3. За Правниот идентитет (ИМЕТО), како елемент од меѓународно правниот субјективитет не е релевантен претходниот историјат или потекло на народот, како ни физички и популациски карактеристики на територијата.
    4. Спорови меѓу државите за државни имиња не постојат. Не може во ова суверено право да се врши легално интерферирање од ОН или членка, ниту непризнавањето од една држава да се толкува како Спор или Разлика (поблага форма на спор во дипломат. жаргон).
    Во случај со Македонскиот прием во ОН направена е ЗАМЕНА на тези и едно непризнавање е преформулирано како РАЗЛИКА или Спор. Иначе, ваков спор во Меѓународниот суд не би бил прифатен, туку отфрлен, па Совет за Безбедност беше згодна инстанца за да се не-признавањето формулира и подигне на ниво на СПОР. (Модел: УНИВЕРЗАЛНО НЕПРИЗНАВАЊЕ)
    Од фактот дека државно-правниот идентитет (те. Името) е правна категорија која е есенцијален елемент на правната личност, ова е супстанцијалан елемент на државноста (со суверена власт, територија и популација), произлегува дека ОН органи во Македонскиот пријем пречекориле своите овластувањата.
    Елементите на ДРЖАВНОСТ во меѓународното право се: 1. Суверена Власт; 2. Територија; 3. Популација односно народ, под јурисдикција. Елемент Суверена Власт вклучува и ПРАВНИОТ СУБЈЕКТИВИТЕТ, а овој како основен елемент содржи ПРАВНИОТ ИДЕНТИТЕТ односно ИМЕТО (ПАРВНИОТ ИДЕНТИТЕТ=ИМЕТО).
    Заклучок е дека таквите преговори за името се БЕСПРЕДМЕТНИ. Спор е замена на теза. Постоји само не признавањето од една држава.
    (Суверенитетот на Република Македонија се однесува не само на правно дефинирана територија (територијална јурисдикција) туку и на народот односно граѓаните кои живеат на таа територија и се под јурисдикција на државата Република Македонија.) Историјски својатања не можат да бидат предмет на спорот.
    5. Битен принцип е и дека Државното име не може да се: откраде, фалсификува или наметне, како што не може ниту да се одземе (од ОН) или да се преформулира. Исто така, од овој принцип произлегува дека државното име не може да биде предмет на (лимитирани/конечни или бесконечни) преговори, ниту на други начин да се проблематизира ваков идентитет од надвор, задирајки во строгата внатрешна јурисдикција.
    6. Право на поседувањето на Правен Идентитет на Државата и самоопределување на истиот е JUS COGENS норма (те. норма над диспозитивинот дел од правото). Правен Идентитет на Државата е и внатрешна УСТАВНА ПРАВНА КАТЕГОРИЈА. Ово JUS COGENS право не е предмет на какво било надворешно уредување или мешање!
    Формулацијата во ОН Резолуцијата 817 или 845 на СБ дека двете држави ке разговараат или преговараат за ДРЖАВНО ИМЕ е флагрантно кршење на Повелбата на ООН.

    Заклучок: ГРЦИТЕ НЕМААТ ЛЕГИТИМНИ БАРАЊА ВО ТНР. „СПОР” ИЛИ ТНР. „РАЗЛИКА”. НИТУ ЕДНО НИВНО ПРАВО НЕ СЕ ДОВЕДУВА ВО ПРАШАЊЕ, ОДНОСНО НЕ ПОСТОЈАТ ПРАВНИ ОСНОВИ ЗА НИВНИТЕ БАРАЊА.
    види: https://www.change.org/p/united-nations-solution-to-the-name-problem-of-the-republic-of-macedonia-in-the-un

Comments are closed.