Инцидент во Полициска академија, неколкумина полесно повредени

Полициски инструктор пукал во Центарот за обука во Идризово, регрутите се повредиле бегајќи во предизвиканиот хаос. Настанот кој го потврди Министерство за внатрешни работи се случил завчера пред насобрани десетина кадети кај кантината во кругот на Центарот, објави агенцијата „Нетпрес“.

На полицискиот инструктор Јордан К. му пречела вревата што ја кревале младите полицајци насобрани пред кантината, па одлучил да ја прекине забавата пукајќи со службениот пиштол.

Уплашените полициски регрути почнале во паника да бегаат на сите страни спасувајќи жива глава, а дел од нив меѓусебно се судриле и лесно се повредиле при бегањето од пукањето, засолнувајќи се зад околните дрвја и блиските објекти.

Од МВР го потврдија инцидентот, но, според нив, инструкторот не пукал со вистинска муниција, туку станува збор за муниција која се користи за вежбовни активности.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР ги изврши потребните проверки, при што е констатирано дека на 28 минатиот месец околу 23 часот во Центарот за обука на МВР во Идризово, по прославата за завршената обука, дежурниот старешина издал наредба на насобраните полициски кадети да се упатат кон павилјоните. Откако кадетите не ја почитувале неговата наредба, тој со службениот пиштол испукал во воздух еден куршум симултана муниција што се користи за вежбовни активности. Поради постапување спротивно на правилата и прописите, против старешината ќе бидат преземени дисциплински мерки согласно колективниот договор на МВР“, рекоа оттаму.

Ова е втор тежок инцидент за кус период во полицискиот Центар за обука во Идризово. Пред неколку дена се појави неофицијална информација дека во Центарот во Идризово имало сексуално вознемирување и уценување на кадетите, пишува „Нетпрес“.