Професорот на солунскиот Универзитет „Македонија“, Елијас Кускувелис анализирајки го текот на преговорите за спорот со името, во интервју за MyPortal.gr вели дека „решение“ без Грција не може да има.

По промената на владата во Скопје и подготвеноста да разговара за „решение“ Грција е ставена во тешка ситуација, бидејќи не може да си дозволи на меѓународен план да биде сфатена како страна која е против дијалог.

Но, тој смета дека немало притисок од САД сега да се покрене прашањето за конечно решавање на спорот.

„Тоа е резултат на скопското сознание дека имаат потреба да се најдат себеси во ЕУ и во НАТО, за да можат економски и политички да профитираат. Се разбира, интересите на САД за да го интегрираат Скопје во овие структури е поради напорите на Русија да го зголемат своето влијание на Балканот воопшто и особено во соседната земја, особено по пристапот на Црна Гора во НАТО“, вели Кускувелис.

Тој смеа дека главно поради економски причини, се чини дека е тоа е интерес и на Германија, а тоа најверојатно ги објаснува неодамнешните „несреќни изјави од канцеларката.

Со оглед на тоа што 140 земји ја признаа земјата како „Македонија“ условите се различни. Но, Кускувелис вели дека се уште е клучно што ќе направи Грција.

„Размислувањето е едноставно: зошто, и покрај 140 признанија, Грција би инсистирала на прифаќање на компромис ако нејзината позиција не е важна? Ако одлучиме со зрелост што навистина сакаме, ќе најдеме начин со среднорочна стратегија тоа да го постигнеме“.

Запрашан дали ако Грција одново каже „не“, земјата сепак ќе биде примена во НАТО и ЕУ, Кускувелис вели дека силните земји од НАТО не го споменале тоа (таква опција-н.з.).

„Нивното членство (на Македонија –н.з.) во НАТО или во ЕУ зависи од нас. Во секој случај, дури и ако нема противење од Грција, Скопје не е подготвено ниту за првото, ниту пак за другото .