И грчките комунисти за сложено име ерга омнес и за промена на Уставот

Дури и вистинските грчки комунисти се за сложено име ерга омнес и за промена на Уставот на Република Македонија.
Промена на Уставот сега, а не во далечна иднина, отстранување на иредентизмот и сложено име со географска одредница ерга омнес се позициите на Комунистичката партија на Грција (ККЕ) за прашањето за името.
Генералниот секретар на ККЕ, Димитрис Куцубас, рече дека партијата уште од 1992 година има јасна позиција.
„Ако во името на соседната земја е вклучен терминот ‘Македонија’ или некој изведен збор, ќе треба да има строго географска одредница, за да не даде можност за нови барања. Од оваа перспектива, инсистираме на тоа дека вистинското решение значи гаранции за отстранување на иредентизмот и на национализмот, обезбедувајќи ја неповредливоста на границите. Ова значи сега да се смени Уставот на ПЈРМ, а не во далечна иднина“, порача тој.
Куцубас на митинг во Солун рече дека „Македонија е широк географски простор од кој по завршувањето на Втората балканска војна и потпишувањето на Букурешкиот договор во 1913 година Грција доби 51,57 отсто, Србија 38,32 отсто и Бугарија 10,11 отсто“. Тој потенцираше и дека не може да се зборува ниту за македонски јазик, ниту за македонска нација, бидејќи „доминантната нација во ПЈРМ се формираше по Втората светска војна“.
„Во овој поширок географски регион на Македонија се говореше грчки, албански, словенски дијалект, еврејски, ерменски, турски и други јазици и ниеден елемент не може да докаже дека во овој мозаик постоеше или постои посебен, оформен македонски јазик, а истото важи и за позицијата околу македонска нација. Оваа позиција не е во рамките на реалноста“, рече Куцубас во говорот.