Европската Слободна Алијанса се приклучи на повикот на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) да се стави крај на антимакедонските преговори за името и повика на поддршка за Македонија за остварување на најосновното право за самоопределување.

“ЕФА е единствената европска политичка партија која го брани правото на самоопределување, право засновано на меѓународното право. Правото да одлучувате за сопствената иднина истовремено значи и право да ја дефинирате и да ја именувате вашата земја. ЕФА ги поддржува демократските аспирации на Македонија како нација и како држава да си го избере своето име” вели Гинтер Даувен, директор на ЕФА.

ММДЧП искрено ѝ се заблагодарува на ЕФА за нејзината огромна поддршка и упатува повик до другите политички партии, до организациите за човекови права, до институциите како што се Обединетите Нации, Европската Унија и НАТО, како и индивидуалните држави да ги исполнат своите обврски според меѓународните конвенции за човекови права и да ги поддржат основните принципи на Македонија во остварувањето на човековото право на самоопределување.

Овие организации не можат да тврдат дека имаат морален авторитет доколку не се подготвени да ги почитуваат сопствените самопрогласени принципи за човекови права.