И Македонија изумира, ама нема кој да даде оставка – колумна на Горан Момироски

“Државата изумира”, драматично изјави Младен Стрмота државниот секретар за демографија во хрватската влада и си поднесе оставка среде конференција за медиумите на којашто министерката се фалеше со минимално зголемување на детскиот додаток.

Прашан што мисли за тоа што за три месеци националната комисија за демографија објавува ист план со исти мерки, Стрмота рече дека се работи за фолклор и затоа како родител на две деца со невработена сопруга и родители, дава оставка во Владата на земјата која изумира.

Во Македонија ситуацијата е драматично потешка, земјата освен намалениот наталитет има кататрофални иселенички трендови а не е ни на половина од бројот на хрватски граѓани. Да не зборуваме за разликата во стандардот со членката на ЕУ.

Па сепак кај нас деновиве и месециве никој не зборува за “Белата чума”. Никој не дал оставка, ниту промовира ниту работи на било какви мерки за решение на демографските проблеми. Само потајно се молиме на светиот дух и работиме на заштита на штрковите како последна надеж.

Се занимаваме со навидум најважни, но сепак работи од кои нацијата нема да изумре ако не се решат.

Ако не го решиме името и не влеземе во НАТО Мкедонија нема да изумре иако долга изолација од западната цивилизација може дополнително да го поттурне катастрофалниот процес. Но ако не се раѓаат деца и ако родените секој ден ги испраќаме по “туѓи бели дворови” Македонија ќе ја снема. А тогаш нема ни да им требаме ниту на НАТО ниту на ЕУ.

Ним им требаат луѓе, млади, здрави, образувани и флексибилни. Не им требаат држави и народи во изумирање.

И сосема е погрешно да се мисли дека Македонците се најпогодени и кога тие ќе “ислезнат” Албанците ќе доминираат. Трендот е дури и полош кај Албанците. Да, кај нив има поголем наталитет но и миграцијата е многу посилна. Затоа што нивната дијаспора е многу посолидарна од македонската и многу полесно наоѓаат работа во ЕУ и САД.

Проблемот е ист за сите. Секој што може ќе оди да работи во ЕУ, секој ќе искористи шанса да го роди детето во земја каде не умира секое 120то туку секое 1000то бебе. Каде родителот нема да се мисли дали ќе го истурка цел месец без помош од баба и дедо, свекор и свекрва.

И проблемот ќе остане. А за почеток на негово решение ќе чекаме се додека не се решат апанажите во ДИК, реформата во судството, законот за јазици, фигарата во Радовиш, автобуската станица во ГТЦ и ланскиот снег како врвни приоритети.

Ако дотогаш остане некој во земјата.

П.С.

И нека не ве лаже статистиката. Најмалку 10 % од новородените во земјава се всушност родени надвор од неа. Тие се само пријавени по македонските амбасади но практично не се македонски граѓани. И никогаш, ниту тие ниту нивните деца нема реално да станат.