R.I.P Калина, обвинители напред – Колумна на Горан Момироски

Јавното обвинителство има историска можност тешката човечка трагедија во која на Кајмакчалан загинаа двајца добри луѓе, планинарите Калина Велевска и Александар Миновски да го искористи во интерес на граѓаните.

Мала потрага на обвинителите по социјалните мрежи ќе покаже дека во земјава и покрај крајот на политичката криза сеуште има луѓе кои што се ситат на смрт на припадник на спротивна политичка група или идеологија.

Ќе покаже дека ниските политички страсти се присутни кај дел од граѓаните и дека тие не се кријат ниту кога се работи на, во случајов прерана смрт на двајца млади луѓе кои според тие што ги познавале биле олицетворение на добрина и почитување. Но дури и да не беше така, никој нема право врз основа на политичко етикетирање да оправдува или да посакува нечија смрт.

Јавното обвинителство има обврска да ги најде овие луѓе и да им поднесе соодветни пријави.

Не сум правник но сигурен сум дека во повиците со кои се оправдуваше смртта на Калина Велевска затоа што била дел од „Шарената револуција и во клетвите со кои нејзиното погибие се оправдуваше со волјата на Господ затоа што била „шарена“, има простор за кривично гонење.

Се работи за класичен говор на омраза кој не смее да се повтори. А нема да се повтори или барем може да се намали само доколку судството во целост ги санкционира тие што шират говор на омраза и со тоа предизвикуваат или мотивираат други луѓе да го сторат истото или нешто уште полошо.

Според правната практика, клетвата која што беше најчест случај на ситење по смртта на Калина, не е кривично дело освен ако во неа нема елементи на закана. Обвинителите треба да утврдат дали во клетвите на политичка основа има елементи на закани.

Во исто време обвинителите треба да утврдат дали овие луѓе кои немаат проблем своите бизарни желби за своите политички и идеолошки противници утре можат истите да ги спроведат лично и практично. Кога на некој плоштад, митинг, или на забава ќе се сретнат со некој член на шарената револуција, тврдокорните или членови на трета група и со насилство ќе ги решаваат спротивставените ставови за политиката и животот.

Ако сега не направи напор со истрага да го спречи ваквото нечовечко однесување и обвинителството утре ќе биде виновно за последиците, особено затоа што гласот за грозоморните желби поврзани со смрт допре до сите нас а обвинителите се дел од нас.

SHARE