Каменос се пожали од Турција во НАТО

Министерот за одбрана на грција, Панос Каменос, ги повика грчките сојузници во НАТО и во Европската унија да усвојат „јасен став“ во врска со однесувањето на Турција, на маргините од состанокот на министрите за одбрана на НАТО, што се одржа вчера во Брисел.

„Ги информирав министрите на НАТО за однесувањето на Турција во последните два дена и за двата настани во регионот на островите Имиа и за напнатоста, вербалните тензии, генерирани од изјавите на турскиот претседател Ердоган и на турските власти“ изјави Каменос за АНА-МПА. Тој рече дека грчката страна, исто така, презентирала аудиовизуелен материјал за неодамнешните инциденти и побара „интервенција“ од нејзините сојузници.

„Островите Имиа се грчки, грчката крајбрежна стража и морнарицата се таму и ние нема да се повлечеме од прашањата поврзани со нашиот национален суверенитет од која било причина. Ги молиме нашите сојузници во ЕУ и НАТО да усвојат јасен став“, изјави тој.

Тој, исто така, рече дека е незамисливо Турција, сојузничка земја во НАТО, да се однесува на овој начин кон друг сојузник, во овој случај Грција. Аудиовизуалниот материјал им помогнал на неговите колеги од НАТО и генералниот секретар на НАТО да сфатат дека „однесувањето на Турција е далеку од она на сојузник и сосед“.

Тензиите околу островот Имиа попуштија вчера откако и двете страни ги повлекоа своите бродови.

Сепак, тензиите околу Кипар остануваат, бидејќи турските воени бродови ја продолжија поморската блокада на Блок 3 во ексклузивната економска зона на островот.

Турскиот премиер Јилдирим, наводно, му рекол на премиерот Алексис Ципрас дека Никозија не може да продолжи со истражување на гас без решение за кипарскиот проблем.

Оставете коментар