Каменос: Ќе спречимe да има Македонија во името на Скопје

Во интервју за грчката телевизија Антена лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, утрово два пати порача дека тие како партија ќе се обидат на секаков начин да блокираат терминот Македонија да биде вклучен во името на северниот сосед, јави дописникот на МИА од Атина.

„Сметам дека прашањето со името на Скопје нема да дојде пред изборите, бидејќи нема да има уставна промена во Скопје. Веруваме дека нема да дојде ниту по изборите. Но, доколку дојде, јас сум обврзан да го следам мандатот што го имам од граѓаните. И мандатот што Независни Грци го имаат од народот е никаква употреба на терминот Македонија, од никаква причина и на никаков начин, крај“, порача актуелниот министер за одбрана на Грција.

Тој вели дека и да има пресврт во Скопје и да се прифатат уставни промени, ќе го блокира процесот.

Прашан дали тоа значи и паѓање на сегашната грчка влада, во која лидерот на Независни Грци е министер за одбрана, тој вели дека за тоа ќе треба и негова согласност како помал коалициски партнер.

Во однос на изјавата на грчкиот премиер и употребата на името Горна Македонија на прес-конференцијата во петокот, како одговор на прашањето на дописничката на МИА од Брисел, Каменос вели дека тоа е став на Ципрас.

„Премиерот ги почитува моите црвени линии, јас ги почитувам црвените линии на премиерот“, додаде Камнос.

1 Коментар

Comments are closed.