Карлос Слим и Дојче Телеком „Dislike“ бесплатен роаминг Македонија – Бугарија

Германскиот телеком гигант Дојче Телеком и Телеком Австрија која е сопственик на компанијата Оне.Вип нема да бидат задоволни со спроведување на идејата на бугарската и македонската влада кои планираат да ги укинат роаминг давачките кои што сега ги наплатуваат мобилните оператори во двете земји.

И Германците кои се сопственици на Маѓар Телеком и мексиканскиот бизнисмен Карлос Слим кој e сопственик на Австрија Телеком а важи за еден од најбогатите луѓе на светот со потегот на владите во Скопје и Софија ќе изгубат милиони евра.

Причината е во тоа што со договорот што треба да биде потпишан денеска во Струмица двата македонски телеком оператори ќе го загубат профитот кој сега се прави со разговори меѓу корисниците од двете земји.

Сепак овој дел од мобилниот колач е помала грижа за Дојче Телеком и Телеком Австрија затоа што комуникацијата меѓу граѓаните на двете земји сега е далеку помала од онаа што Македонците ја имаат со Србија, Косово, Албанија и членките на ЕУ.

Најголемата закана за нив е можноста македонските корисници на нивните броеви да ги откажат македонските броеви и да користат бугарски затоа што во тој случај ќе можат бесплатно да разговараат и со македонските и бугарските кориснници но пред се со своите пријатели и роднини во ЕУ.

Од лани на 15 јуни членките на ЕУ го укинаа роаминг за разговори во рамки на унијата со што и на Македонците што ќе купат бугарски претплатнички броеви ќе им се овозможи да зборат бесплатно со цела ЕУ а нема да плаќаат ни за разговорите во Македонија.

Ако оваа појава стане масовна тогаш двата телеком оператори можат да загубат десетици милиони евра, анализираат познавачи на телеком бизнисот во земјава. Тие очекуваат телеком операторите да извршат притисок врз владите во Скопје и Софија да спречат македонски граѓани да можат да користат бугарски претплатнички броеви за да нема одлив на претплатници и големи загуби.

Засега не е јасно и дали бесплатниот роаминг ќе важи и за припејд броевите кои што ќе можат без проблем да ги купат сите граѓани на Македонија при патување во Бугарија а ќе можат да ги користат и по враќање во земјава.

Бугарската влада исто како и со Македонија планира да го укине роамингот и со Србија со што на симболичен начин ќе покаже дека се залага за побрзо интегрирање на Западниот Балкан во ЕУ и тоа во време кога Бугарија ќе биде претседавач со ЕУ.

Само во Германија во моментов живеат околу 100 илјади македонски државјани кои секојдневно комуницираат со своите роднини и пријатели во Македонија.

Оставете коментар