Катица Јанева е одговорна за приватните прислушувани разговори

Loading...

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева тврди дека таа се грижи за јавноста да не дојде до приватните разговори кои што се посед на СЈО.

„Во прислушуваните разговори има многу приватни разговори кои се одвојуваат. На нив многу внимаваме и тие се моја работа, изјави за ТВ 24 специјалната обвинителка, Катица Јанева. Јанева вели дека ако се случи некој разговор од просториите на СЈО да излезе во јавност, таа точно знае кој и кого од тимот на обвинители го слушал и бил задолжен за тој разговор.

„Ги преслушавме сите 600 илјади прислушувани разговори, но не сме ги анализирале сите. Има дел кој не ги слушаме повторно, а има делови кои се слушаат по повеќе пати за да се утврди дали се поврзани. Единаесет обвинители сме и во јавноста до сега нема некој необјавен разговор кој сме го слушале. Ако некој од тие разговори излезе во јавност, јас точно знам кој и во колку часот го слушал тој разговор. Има многу приватни разговори, тие се одвојуваат и се повеќе моја работа. Многу внимавам на приватните разговори кои се водени. Непријатна работа е да слушаш како некој со часови разговара со некоја личност. Не се тоа гадости, но се непријатни. Се препознава кога некој е нервозен и кажува нешто што не мисли, а се препознава и кога тој го мисли тоа што го зборува. Кога некој ви е таргет, а го слушате повеќе пати, тоа се познава. Преслушуваме нови 100 илјади разговори кои се обезбедени при два претреси во објекти. Тие се поврзани со јавно објавени приватни разговори”, вели Јанева.

Специјалната обвинителка, Јанева вели дека и таа како граѓанин се прашува дали е сигурна додека разговара, како и тоа дали постојат снимки надвор од Македонија и апелираше дека доколку некој поседува прислушувани разговори, да ги достави до СЈО.

Предходно во текот на денот Специјалното јавно обвинителство објави три нови истраги против 25 физички и четири правни лица за кривични дела злоуптреба на службена должност, измама и перење пари.