Актуелниот НБА првак Кливленд прелесно го победи на гости Бостон со 130-86 и поведе со 2-0 во финалето на источната конференција. Леброн даде 30, Ирвинг 23, а Лав 21 поен во шутерската вечер на Кавси кои дадоа 19 тројки со процент од близу 50 насто.

Тоа е минимум фактографија од мечот кој се очекуваше со нетрпение бидејќи по првиот дуел во кој Кливленд славеше (117-104), првите играчи на Селтикс, Томас и Хорфорд ветија дека така висок, па уште и рано признат пораз нема да дозволат, дека така лоша партија не може да им се повтори и дека сигурно ќе се реваншираат.

Но наместо тоа, Бостон беше очаен, повеќе личеше на тим од Д-лигата и во ниту еден момент не потсети на славната историја. Или можеби не беше до зелените во ова одмерување, зошто наспроти нив утринава се појави стравично расположен гостин, кој од почеток одигра одбрана како што само може да се посака, па се заврши уште во првиот дел кога Кливленд поведе со 72-31, што е нов рекорд во НБА разигрувањето.

Потоа веќе немаше борба, мечот стана повеќе Ол Стар со тоа што тренерот на Кавси Тајрон Лу по достигнување на најголемата предност на 50 поена ја повлече првата петорка, па и првите резерви, што му помогна на Бостон  малку го ублажи тешкиот пораз.

Ова за Кливленд беше 10-та победа во овој плеј оф, но ако се додадат и завршните три од минатата година кога беше освоена првата титула, тоа се 13 во низа што е изедначување на постоечкиот рекорд во НБА лигата.

Кливленд и Бостон ќе играат повторно за два дена, но сега во Квикен Лоунс арената во Охајо.

SHARE