Кого, всушност, плукаат Најчевска, Тричковски, Фрчкоски… Kолумна на Горан Момироски

Loading...

Дебатата по прогласот на групата од 200 интелектуалци станува сè поостра и пониска. Откако во петокот професорките Ванковска и Грчева, во име на околу 200 македонски интелектуалци, ги објавија барањата упатени до македонските политички лидери, не запираат реакциите.

Позитивните најчесто се во форма на полуотворена или прикриена поддршка за потписниците на социјалните мрежи, а негативните објавени на провладините медиуми се прилично отворени, брутални и директни.

Во вторите потписниците се опишуваат со најпогрдни зборови, кои, од разбирливи прични, нема да ги повторам овде. За да се дискредитираат, се користат „аргументи“ од расправија пред кооперација или поради еден потписник автоматски се исклучуваат сите останати. Само ретки изблици на контрааргументи на тезите на прогласот.

Искрено, не очекуваав толку високо ниво на омраза и отворено непријателство и лични навреди од луѓе кои што одлично се познаваат и речиси извесно повторно ќе се сретнат во малата Македонија.

Нивото на злоба во нападите покажа дека потписниците чепнале во нешто многу големо и важно, дека некој центар на моќ е длабоко уплашен од потписите и затоа и се случи оваа координирана операција на напади. Ако навистина прогласот и потписниците не беа важни и релевантни, немаше да бидат потрошени толку многу зборови и пари за „бустање“ на социјалните мрежи.

Но, и тоа е дел од дебатата. Kаква и да е таа, треба да се води дури и ако во неа нема сериозни контрааргументи и љубов. Всушност, сметам дека со секоја колумна/напис потписниците на прогласот се сè посреќни.

Дури и кога гледаат дека нападите се вршат во име на друга многу поголема сила, која што преку своите „прокси воини“ се обидува да поништи една автентична енергија, која, дури и со за мене спорното барање за прекин на преговорите за името, ја раздвижи Македонија како ретко кога претходно.

Она што во целата „дебата“ е фасцинантно е тоа што одбраната на Владата од прогласот се труди целосно од целата слика да елиминира дел од потписниците и затоа се фокусира на неколку имиња кои што и претходно биле дел од жестоки јавни дебати.

Не е случајно тоа што во отсуство на интерес на вообичаено мрзеливите медиуми (или поради медиумска стратегија на партиите) дебатата се сведе на професорките Ванковска, Силјановска, Грујевска-Маџовска, Улчар, Донев и неколкумина други.

Мало истражување на списокот на потписниците ќе покаже дека горенаведените, иако и како единки се повеќе од релевантни за промовирање на која било идеја, се само врв на сантата мраз. Ако навлезете подлабоко во списокот, доволни ви се само 10 минути за да разберете дека тежината на прогласот и во смисла на наука, и во смисла на успех, и во смисла на меѓународно влијание, е далеку поголема од првично проектираната.

Само едно име на списокот е доволно за да паднат во вода сите наводи дека „станува збор за неуспешни квази интелектуалци, кои имаат политички задачи и својот неуспех како научници сакаат да го компензираат со политички прогласи“, како што со една реченица може да се опишат нападите врз потписниците.

На списокот има многу имиња што поединечно за науката, за Македонија и во глобални рамки постигнале повеќе од сите нивни „плукачи“ заедно, но можеби е добро да се започне со најстариот на него.

Академикот Ратко Јанев, за кого слушнала само мал дел од македонската јавност, е доволен аргумент разумни луѓе, ако не да запрат со нападите, тогаш барем да ги редефинираат методите на напаѓање.

Човекот кој е роден во 1939 година во Свети Врач (денес градот Сандански), Пиринска Македонија, Република Бугарија, во својата биографија има материјал кој не можат да го побијат ни 100 напаѓачи како овие во насловот на оваа колумна. И токму поради тоа, тие се обидуваат луѓето како Јанев да бидат турнати под тепих.

Ним и им е јасно дека водат загубена битка и затоа речникот е толку суров. Не затоа што барањата во прогласот ќе бидат прифатени или преговорите ќе запрат, туку затоа што јавниот простор во иднина ќе биде проширен со гласот на други, најмалку десетици умни луѓе, и тој ќе биде заситен за луѓето кои со децении се присутни во јавноста без да дадат или да направат нешто важно за Македонија.

Иако една од главните тези на напаѓачите е дека потписниците на прогласот имале политички амбиции, најмалку тројца од нив самите биле дел од политиката и сите тројца преживеале тешки политички порази.

Стојан Андов, кој речиси 3 децении е дел од македонската политика, стана спикер на Парламентот со гласовите на Анте Марковиќ, а неговата партија сега е маргинална политичка сила, без реална можност да влезе во Собранието ако не е привезок на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ.

Љубомир Фрчкоски беше министер за надворешни и за внатрешни работи, а претрпе тежок пораз од актуелниот претседател Ѓорге Иванов во 2009 година.

Мирјана Најчевска беше кандидат за градоначалник на Скопје на ЛДП во 2009 година, кога освои околу 7 илјади гласови, односно 3 проценти од гласовите на сите скопјани кои излегоа да гласаат.

И сега овие луѓе, заедно со сите останати, го дисквалификуваат човекот кој како дел од Нобеловиот комитет предлагал кандидати за добитници на Нобелова награда за физика и кој според меѓународни извори важи за физичар од светски маштаб.

За крај, за сите оние што немаат време да го анализираат списокот, еве дел од резимето на академик Јанев, човек кој според дел од македонските колумнисти и професори е „квази интелектуалец, параноик, провинциски ум или дел од патетична сурија“.

Академик Ратко Јанев

Занимање, нуклеарен физичар
Гимназија завршил 1957 г. во Скопје, а 1963 г. дипломирал на Електротехничкиот факултет (група техничка физика) на Универзитетот во Белград. Постдипломските студии ги завршил во 1965 г. на Природно-математичкиот факултет, и потоа се вработил во Институтот за нуклеарни науки Борис Кидрич во Винча. Од 1966 до 1967 г. се наоѓа на специјализација на Ленинградскиот државен универзитет, каде што работел на својата докторска дисертација „Процеси на електронскиот зафат во бавните атомски судири“ која ја одбранил 1968 г. на Природно-математичкиот факултет во Белград.

Работи како научен советник во Институтот за нуклеарни науки „Борис Кидрич“ во Винча од 1981 г. Од 1969 г. држи курсеви на постдипломските студии на ПМФ во Белград (Отсек за теориска физика), а 1970-73 г., а држел предавања по атомска физика на ПМФ во Скопје. Како професор-гостин држел предавања на повеќе европски и американски универзитети.

Јанев е професор со светски углед во областите на атомската и нуклеарната физика, член на МАНУ, професор и консултант на повеќе светски познати универзитети и институти. Има објавено голем број научни трудови во водечките меѓународни научни списанија. Со над 600 научни трудови во меѓународни списанија со импакт фактор (SCIndex ili IF [1]) академик Ратко Јанев[2]е еден од најпродуктивните физичари во втората половина на двадесеетиот век во светската физика. проф. Ратко Јанев држел позиции во Нобеловиот комитет (како предлагач на кандидатите за Нобеловата награда за физика во осумдесетите и деведестите години на минатиот век и претставува еден од најцитираните физичари во областа на атомската физика. Ратко Јанев е, мегу другото, и добитник на престижната Хумболтова награда за физика.

Неговата научна дејност се одвива, главно, во областа на општите и методолошките проблеми на квантната теорија на меѓучестичните заемни дејствувања, теоријата на заемните дејствувања и судирните процеси меѓу атомските честички, кинетичките и транспортните процеси во јонизираните средини, физиката на заемното дејствување и судирните процеси меѓу атомските честички и површината на цврстите тела, физиката на гасните ласери и физиката на контролираната термојадрена фузија. Покрај ова, неговиот научен интерес е насочен и кон некои специјални проблеми во астрoфизиката, физиката на јоносферата, на тешките јони, на јонските извори и др.

Ратко Јанев има објавено трудови во различни полиња од модерната физика, од кои најзначајните се од областа на атомските заемни дејствувања и судирните процеси, заемните дејствувања и судиирните процеси на атомските честички во цврсти површини, физиката на јонизираните гасови, гасните ласери и контролираната термојадрена фузија. Активно соработува со Скопскиот универзитет и со МАНУ и неговиот придонес за развитокот на науката во Македонија е исклучително забележителен. За член на Македонска академија на науките и уметностите е избран во октомври 1988 година.

Ратко Јанев бил претставник на Република Македонија во Мегународна агенција за атомска енергија (МААЕ) во Виена, Австрија, и прв мегународен функционер во мегународните установи во системот на ОН од Македонија, по осамостојувањето на Република Македонија. Ратко Јанев во 1993. година помогнал во процесот на зачленувањето на Македонија во МААЕ.