Колку чини бугарската „златна ограда“ кон Турција

Оградата на границата со Турција, чија изградба веќе чини околу 200 милиони лева (100 милиони долари) односно по речиси еден милион евра за секој километар, ќе продолжи да поскапува.

Државата склучила чудни договори со компаниите кои ја граделе оградата  и кои речиси немаат никакви обврски за поправка и одржување на оградата која е оштетена од бегалци и шверцери.

За одржување, сега се бараат дополнителни средства, пишува весникот „Сега“.

Во образложението не е јасно колку средства ќе се обезбедат и колку на крајот ќе чини „жичаната заштита“ од мигранти која весникот ја нарекува „златна“.

Претседателот на парламентарната група на ГЕРБ, Цветан Цветанов, неодамна соопшти дека подигањето на 234 километри долгата ограда на бугарско-турската граница чинело околу 200 милиони лева.