Loading...

Методија Колоски, претседател на Обединета македонска дијаспора (ОМД), се обрати со видео порака по најновите отстапки кон Грција со преименувањето на аеродромот во Скопје и на автопатот од Табановце до Гевгелија, како и со подготвеноста, декларирана од премиерот Зоран Заев, за прифаќање географска одредница на името на државата, нарекувајќи ги „шлаканица в лице за сите Македонци“.

„Македонија прави бројни отстапки за да ги задоволи Грција и грчкиот народ.

Отстапка број еден: Македонија е примена во Обединети нации под името ‘бивша југословенска Република Македонија’, кое трае 25 години.

Отстапка број два: Македонија потпиша Привремена спогодба за да седне со Грција на иста маса за да ги реши грчките проблеми со името на Македонија. Патем, грчкиот Парламент никогаш не го ратификува овој договор.

Отстапка број три: Македонија додаде два амандмана на својот Устав. Амандман број еден: Македонија нема територијални аспирации кон ниту еден свој сосед, вклучувајќи ја и Грција. Амандман број два: Македонија нема да се бори за човековите права на македонскиот народ што живее во соседните земји, вклучувајќи ја и Грција.

Отстапка број четири: Заради повлекување на грчкото економско ембарго што Грција го воведе на Македонија и на македонскиот народ, Македонија мораше да го смени своето знаме.

И денеска премиерот Заев и македонската Влада објавија дека направиле уште две отстапки кон Грција. Го преименуваа аеродромот во ‘Меѓународен аеродром Скопје’ и автопатот што води кон Грција во ‘Автопат Пријателство’. Ова е шлаканица в лице за сите Македонци што загинаа и што се бореа се за суверена и независна Македонија.

Какво пријателство и какви отстапки ѝ понуди Грција на Македонија? Дали Грците го преименуваа својот втор најголем аеродром од ‘Македонија’ во нешто друго? Дали ќе ѝ дозволат на Македонија да се зачлени во НАТО и во ЕУ? Пријатели мои – ништо. Нула отстапки кон Македонија и кон македонскиот народ.

Македонија е признаена од 137 земји. Ние сме Македонија и ние сме дел од меѓународната заедница. НАТО, ЕУ и Грција мора да го прифатат тоа. Ние нема да си го смениме нашето име, ние нема да си го смениме напиот идентитет и нашиот јазик за да ги задоволиме Грција и грчкиот народ. Тие мора да го прифатат тоа, ако сакаат да им бидат пријатели на Македонија и на македонскиот народ.

Приклучете му се на македонското движење ‘Ние сме Македонија’ низ светот и присуствувајте на различни протести на разни страни од светот, како што се Австралија, Канада, САД, Европа и во Македонија. Потпишете ја петицијата ‘Ние сме Македонија’. Среќавајте се и барајте од вашите политичари да даваат изјави за сите отстапки што ги прави Македонија и зошто Македонија не треба да си го смени своето име.

Ние сме Македонија! Ви благодарам“, е интегралната порака на англиски јазик од претседателот на ОМД, Методија Колоски.