Комплетна смена во ИК на ВМРО-ДПМНЕ, двајца кандидати за генерален секретар

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска треба да го избере новиот состав на Извршниот комитет на партијата.

Членовите се избираат на предлог на новиот лидер Христијан Мицкоски, а меѓу нив, според неофицијални информации, ќе нема место за најголем дел од досегашниот ИК и за високите претставници на партијата во последниве години.

Единствен сигурен член се смета привремениот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.

Во врска со позицијата Генерален секретар, кој го предлага претседателот Мицкоски, а кој самиот беше ген-сек до пред еден месец, во игра се двајца кандидати.

Едниот со помали шанси, Спиро Ристовски, кој го организираше Вонредниот конгрес во Валандов,о и вториот, Игор Јанушев, ексдиректор на ЈСП „Скопје“, кој е главен фаворит за прв партиски оперативец.

Во новиот состав на ИК на партијата се очекува да бидат вклучени и интелектуалци, професори и други експерти и јавни личности.

Според најавите, во извршното тело на партијата ќе нема место за најголем дел од ексминистрите и од актуелните пратеници, чии имиња се споменуваа како можни ривали на Мицкоски на Конгресот во Валандово.

Целта на ваквите комбинаторики е партијата да се ослободи од негативниот имиџ поврзан со дел од штетните политики со кои се поврзуваше во последниве години.

Паралелно со номинирањето на ИК, лидерот Мицкоски минативе денови водел разговори и консултации за членови на двете нови партиски тела – Совети, кои треба да помогнат во градењето и спроведувањето на новите партиски политики.

 

Оставете коментар