Контрамерки од Србија за Македонија ако нема договор за брашното

Loading...

Српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љаиќ не ја исклучува можноста неговата земја да воведе контрамерки за Македонија ако не биде надминат проблемот со извозот на српско брашно во земјава.

Поради тоа што со македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчи Николовски не е постигната согласност за повлекување на правилникот на Владата на Македонија за маркирање на брашното, со која на српските млинари им е отежнат извозот на брашно на македонскиот пазар, откажана е најавената средба за денеска во Скопје.

„Со оглед на тоа дека не дојдовме до одржливо решение и предлог-договор, нема ни причина денеска да патуваме во Скопје. Договорот е во текот на викендот да продолжиме со усогласувањето за да дојдеме до договор што на долгорочен и на систематски начин ќе го реши проблемот со извозот на брашно од Србија во Македонија“, изјави Љаиќ.

„Ова е веќе 13. пат во последните неколку години низ различни модалитети да имаме бариери, кои во голема мерка ги отежнуваат нашите млинари да извезуваат брашно на македонскиот пазар“, нагласува тој.

Македонија е трет извозен пазар за српските млинари, на кој тие годишно пласираат меѓу 30.000 и 40.000 тони брашно.