По цели осум години од последниот настап ветеранот Диме Тасовски повторно е во дресот на кошаркарската репрезентација на Македонија. На денешниот утрински тренинг 37. годишното крило на Работнички неочекувано се појави иако претходно го одби првиот повик на селекторот.

Тасовски фигурираше меѓу кандидатите за жолто-црвениот дрес уште пред почетокот на подготовките, но тогаш тој се заблагодари на поканата потенцирајќи дека веќе осум години е во репрезентативна пензија. Сепак селекторот Јорданчо Давитков успеја да го разубеди Тасовски, кој на крајот реши да се реактивира и да и помогне на Македонија да го мине претквалификацискиот циклус за Мундијалот во Кина следната година, како и за квалификациите за ЕП 2021.

Последниот настап во црвено-жолтиот дрес на Македонија, Тасовски го имаше на Европското првенство во Полска во 2009. година. Нешто слично претходно направи и Ѓорѓи Чековски, а истото се очекува и од Перо Антиќ.

SHARE