Потребна е промена на Уставот, за името да биде и за внатрешна и за меѓународна употреба, но и за да се избегнат идни обвинувања дека биле прекршени уставните одредби, вели министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас. Во интервју за грчкиот весник „Документо“, изјавува дека е умерен оптимист и дека на двете страни сѐ уште им претстои многу работа.
„Промената на Уставот на пријателот и сосед, значи, прво имплементација на ерга омнес, односно употреба на новото име во сите случаи, на меѓународно и внатрешно ниво, како и за избегнување на идни несогласувања што би произлегле без оваа промена. Второ, дека во иднина би се избегнало една друга влада кај соседот да побара објаснувања за прекршување на Уставот, ако Меѓународниот договор излегува од надлежностите, вели шефот на грчката дипломатија, а за несогласувањата за кои говори, објаснува дека во период на глобализација кога се користат две различни имиња едно за меѓународна, друго за внатрешна употреба тогаш несогласувањата се неизбежни.
Според Коѕијас, решението не треба да биде „едниот да му го наметне неговото мислење на другиот“, туку во пакет договор што ќе ги содржи неопходните заемни компромиси.
Договорот, смета тој, треба да биде пакет договор, да ги вклучува прашањата за кои разговараме во ОН, елиминирање на иредентизмот и предвидување мерки и услови за да нема одново појавување, поддршка за интеграција на соседната земја во меѓународните организации и заеднички активности и додава дека потребен е временски период за да се имплементираат овие работи, бидејќи, како што вели, „светот не се менува во еден ден, дури и на Господ, според Библијата, му беа потребни 6 дена да го создаде“.
„Секако, ова не е имплементација на некој апстрактен метод на поделба на решението на делови, туку елемент на прагматизам, реализам, одлучност и чувство на одговорност“, вели Коѕијас во однос на спроведувањето на евентуалното решение.
На прашањето дали еден Меѓународен договор би бил доволен за да се избегнат уставни промени кај нас, Коѕијас се повикува на досегашното искуство со одлуките на националните судови на земјите членки на Европската унија.
„Врз основа на член 27 од Виенската конвенција за договори, содржината преовладува над националното законодавство. Но, овој принцип се почесто не се спроведува. Ги знаеме одлуките на националните уставни судови на земјите – членки на ЕУ во врска со подреденоста или не на националното законодавство кон европското, за прашања поврзани со тврдото јадро на Уставот, а името е едно од тие. Според нив, Уставот го надминува секој Меѓународен договор“, објаснува Коѕијас.

1 Коментар

  1. НИКОЛА ДИМИТРОВ да научи да прави разлика помеѓу региoн и држава

    Димитров: ,,Не може Македонија да биде само Грчка, бидејќи не е, и не може Македонија да биде само наша, бидејќи не е, географскиот регион е голем и има три држави”

    1). Република Македонија се однесува на правно и политички дефинирана територија, која е различна од регионот Македонија кој не е меѓународнo правен субејкт.

    2). Република Македонија е име на меѓународнo правен субјект со јасно дефинирани граници.

    3). Во 1992 година Република Македонија аплицирала за членство во ООН како држава со јасно дефинирана територија.

    4). Суверенитетот на Република Македонија се однесува не само на правно дефинирана територија (територијална јурисдикција) туку и на народот односно граѓаните кои живеат на таа територија и се под јурисдикција на државата Република Македонија.

Comments are closed.