Која е Афроамериканката што протестираше против „ФИРОМ“ во Атина?

Афроамериканката, која што со грчко знаме на главата е на една од најобјавуваните фотографии од антимакедонските протести во Атина, е Карен Вартон.

Expres.mk открива дека таа е магистранд на меѓународни односи на кампусот на Универзитет „Вебстер“ во Атина.

Таа на протестот дошла со својот професор Џон Номикос за да се стекне со ретко искуство да биде дел од движење поврзано со меѓународни прашања.

Според нејзиното објаснување, прашањето за името е долга и комплицирана приказна во која историјата и гордоста се преплетуваат, а минатото се протега до сегашноста.

Според неа, една нација се обидува да фалсификува идентитет и да изрезба територија, додека другата, Грција, во која прашањето за името е прашање на патриотизам, ја штити својата историја и култура.

Вартон тврди дека името ги обединува власта, црквата и опозицијата, кои што се против компромис.

Не можела да стои настрана во специјалниот момент за грчката историја и заминала на протестите за да може да ја апсорбира културата и да ги продолжи истражувањата за социополитичката култура и безбедност на Грција.

На протестите на кои заминала со своите професори Номикос и Сфекас се стекнала со вештини на критичко размислување, мониторинг, координација и добро расудување.

Била воодушевена од страста и од енергијата на демонстрантите и таа ги почувстувала двете сили откако многу Грци со солзи во очите ја прифатиле како своја сестра.

Искуството „да се биде едно со Грците“ засекогаш ќе останело во нејзината меморија, а протестите ги поврзува со борбата на Афроамериканците за своите права, за културен идентитет и еднаквост, како и со мирните демонстрации на Мартин Лутер Кинг.

Оставете коментар