Кој е новиот министер за надворешни работи на Македонија?

Никола Димитров за кого е се поизвесно е дека ќе го преземе ресорот МНР во владата на Заев е екс заменик министер за надворешни работи (2000) кој во својата кариера работеше и како советник за национална безбедност на покојниот претседател Борис Трајковски.

За македонската јавност е најпознат како преговарач во спорот за името со Грција кој преговорите ги водеше пред и по историскиот самит на НАТО во Букурешт во 2008 година кога иако тогашниот претседател Црвенковски и премиер Груевски се согласија земјата во Алијанската да влезе под референцата ФИРОМ но Грција го блокираше влезот.

Тогаш според дипломатски информации токму Димитров и тогашниот советник за безбедност на Црвенковски Стево Пендаровски со американските партнери го договарале пакетот за прием но сепак на крајот поради грчките тврди ставови Македонија остана надвор од алијансата по што почна процесот на назадување за земјата на патот кон  евроатланските институции.

Димитров од позицијата преговарач за името на која што беше назначен во 2003 година замина неславно откако без да биде информиран во ноември 2008 година беше отпуштен од претседателот Црвенковски (кој отказот го објави од собраниска седница) поради засега сеуште нејасни причини и околности.

По оваа функција Димитров беше координатор за НАТО и ЕУ во кабинетот на Груевски по што замина како амбасадор во Хаг каде што беше еден од главните луѓе во процесот што против Грција го водеше Македонија пред Меѓународниот суд на правдата.

Димитров и неговиот татко Димитар во еден период беа македонски дипломатски претставници во двете најмоќни земји на светот во Москва и Вашингтон а синот Никола која во САД замина како амбасадор во 2002 година беше најмлад шеф на една странска мисија во Америка.

Неговите родители Димитар и Ратка се основачи на ВМРО – ДПМНЕ.

Досега Димитров кој што е женет и има две деца (еднаш разведен) никогаш немал никакви официјални врски со ДУИ чиј што кандидат според дел од македонските се очекува да биде на местото шеф на дипломатијата.

Во 2013 година според најавите од МНР требаше да ја преземе позицијата амабсадор на РМ во Германија но поради внатрешни компликации во министерството во Берлин беше именуван друг абасадор.

Еден месец пред почетокот на бомбите на Заев Димитров одби да замине во Москва каде што предходно беше именуван за амбасадор од владата на ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ.

Во 2015 година заедно со уште двајца екс функциониери на ВМРО ДПМНЕ беше дел од ткн Амстердамска тројка која што се обиде да го преземе кормилото на партијата но откако не успеа во тоа се приклучи на опозициското движење и стана активен противник на Груевски и неговата влада.

Важи за одличен долгогодишен пријател со поголем број македонски новинари и може да се очекува дека доколку дојде до ситуација за менување на македонското уставно име да не биде остро напаѓан за чекорите кои што ќе мора да ги прави како министер.

Ова за дел од набљудувачите на македонската политика покрај неспорните квалитети на Димитров кој што се школувал на престижни светски универзитети е еден од најсилните аргументи за неговото именување за министер во најжешката фотелја на новата влада.

 

SHARE