Кој ќе биде нов српски премиер?

Српскиот претседател Томислав Николиќ за две недели ќе му ја предаде должноста на новиот претседател Александар Вучиќ, а се очекува тогаш српската јавност да го дознае името и на новиот премиер на земјата, пренесуваат српските медиуми.

Вучиќ, актуелен премиер и новоизбран претседател, по преземањето на фунцкијата би требало да му го довери мандатот за состав на влада на некој од своите соработници, а како што вели тој – изборот се сведува на неколку имиња.

Иако името на поранешниот премиер, а актуелен шеф на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, често се отфрла како солуција во медиумите, квотите на обложувалниците објавени оваа недела го сместуваат на првото место, и тоа како убедлив фаворит.

Лидерот на српската Социјалистичка партија, кој сопствената партија му ја подреди на Вучиќ за време на претседателската кампања, има квота 1,7, односно за вложени сто динари, во случај на погодок би се добиле 170 динари.

До неодамна фаворит од сенка, а сега име кое почесто се споменува е српскиот министер за финансии Душан Вујовиќ, кој се наоѓа на второ место, со квота 3,5 отсто, а по него следат министерот за правда Никола Селаковиќ (4,2) и министерката за државна управа Ана Брнабиќ (4,3).

Инаку, Вучиќ кон средината на минатиот месец наговести дека и пред преземањето на функцијата би можел да го објави името на новиот премиер, односно дека во „следните месец дена“ ќе ја објави одлуката и дека од долг список „кругот се намалил на две до три имиња“.

Тој рок истекува овие денови, а фаворитите не ѝ помогнаа на српската јавност во решавањето на ова прашање бидејќи кога им беше поставено, нивните одговори беа индиректни.

Така, шефот на дипломатијата, Дачиќ, најчесто со насмевка одговараше „и доколку е така, не би рекол јавно“, или, пак, дека е „задоволен на своето работно место“.