Кржаловски: На предвремени избори СДСМ може биде изненаден (ВИДЕО)

Loading...

Првиот човек на невладината МЦМС Александар Кржаловски вели дека ако има предвремени избори се е можно.

– Ништо не е невозможно, иако мислам дека никој не сака избори, дури ни ВМРО-ДПМНЕ, додека не се консолидира, а уште помалку владејачкото мнозинство, иако можеби со логика дека ќе се зголеми мнозинството и ќе се добијат доволен број на пратеници за промена на Уставот без согласност на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа може да биде меч со две оштрици, барем од две причини. Целата констелација на спорот со името е базирана на тоа дека нема да има избори, ниту во Македонија, ниту во Грција оваа година, и дека тоа остава простор да се испреговара на раат и да се стигне до решение, барем до јули.

Значи, ако има избори евентуално на есен, после јасна ситуација што ќе се случува со спорот со името, и тоа можеби ќе биде појасно уште кон крајот на март, или до крајот на април, кога ќе го имаме извештајот на ЕУ, и дури тогаш да се размислува и во владејачката коалиција за нови избори.

Второ е дека ефектот на Тереза Меј од Брегзит, кога таа сметаше, а и анкетите покажуваа дека ќе добие такво мнозинство, да полагодно ги води процесите, за малку ќе се срушеше и нејзината влада.

Така да, во ваква ситуација, ако се оди сега на избори, пред решавање на името, ВМРО-ДПМНЕ и тоа како може да го искористи во своја полза, и можеби резултатите ќе бидат полоши за СДСМ, од локалните сигурно, а можеби и од парламентарните во 2016 година.

ДУИ веројатно се надева дека секако ќе го подобри резултатот што го имаше – историскиот минимум од 10 пратеници. Меѓутоа со нерешено прашање за Законот за јазици е прашање дали тие ќе добијат поголема поддршка во албанскиот блок, или другите партии ќе го искористат против нив тоа. Меѓутоа, генерално не очекувам да се оди на предвремени избори – рече Кржаловски во емисијата 360 на Алсат М телевизија.