Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, од Љубљана денеска уште еднаш повтори дека земјите од Западен Балкан не треба да се ставаат во ситуација да избираат меѓу Западот и Истокот, бидејќи тоа е „погрешен, штетен и лажен избор“.

„Сметаме дека е апсолутно погрешно и штетно да се стави оваа или онаа земја пред лажен избор – или Запад, или Исток. За жал, токму со таквата логика некои од нашите западни колеги ѝ пристапуваат на заемната соработка со земјите од Западен Балкан и не само таму. Истиот принцип ‘или-или’ се применува и во односите со голем број постсоветски држави. Тој стана една од клучните причини зошто Украина падна во длабока криз“, изјави Лавров пред новинарите по средбата со својот словенечки колега и домаќин Карл Ерјавец.

На констатацијата дека „во последно време има многу критики во Словенија и во странство за политиката на Љубљана, која ги занемарува односите со САД и се залага за зајакнување на односите со Русија“, шефот на руската дипломатија ја врати топката на противничката половина.

„Не сакам да изнесувам некакви антиамерикански забелешки, но токму вчера официјалната претставничка на Стејт департментот, Хедер Науерт, јавно и со гордост кажа дека сите американски амбасадори во сите земји во светот имаат строги инструкции да одат секој ден и да бараат соодветната држава да не соработува со Русија, бидејќи САД воведоа санкции против нас. Мислам дека е доволно да се слушне овој факт за да се разберат принципите на кои Американците ги градат своите односи со странски држави“, изјави Лавров.

 

SHARE

Comments are closed.