Ладино пејачка со корени од Битола ја афирмира Македонија меѓу Евреите

Loading...

Сара Ароесте, јудео-шпанска музичарка родена во САД, ладино пејачка и промотор на сефардската еврејска музика и културно наследство, во подолго интервју за блогот „Џускул“ со одбрани зборови им ја доближува на своите сонародници Македонија, земјата со која ја врзува нејзиниот дедо роден во Битола.

„Мојот дедо е роден таму и отсекогаш сум слушала приказни за Битола, градот во кој пораснал. Битола до Втората светска војна имала енергична, горда сефардска заедница, која го одржувала јудео-шпанскиот (ладино) јазик и култура што нивните предци ја донеле на Балканот бегајќи од инквизицијата кон крајот на 15 век. За време на холокаустот, сојузничките на нацистите бугарски окупаторски сили депортирале 98 проценти од македонските Евреи во смрт во Треблинка. Мојот дедо веќе емигрирал во Америка во тој момент, но за жал, сите освен неколку роднини на мојот дедо што останале во Битола биле убиени“, ја објаснува Ароесте својата врска со Македонија.

Откако во продолжение дава коректен приказ на местоположбата и на историјата на Македонија, мислејќи на денешната македонска држава и зборувајќи за етнички Македонци и македонски народ, таа најавува сопствено учество во туристичка тура по патеките на еврејското наследство во земјава од 19 до 26 август годинава.

„Ја посетив Македонија за првпат во септември 2017 година за да направам концерт  на ладино музика во родниот град на мојот покоен дедо. Бев изненадена од гостопримството што го добив и се зачудив од националните и локални напори за зачувување и заштита на македонската сефардска еврејска историја и култура. Кога добив покана повторно да настапам во Македонија во август 2018 година, почувствував дека е важно да ја проширам поканата од македонскиот народ до Евреите ширум светот за да ми се придружат и да бидат пречекани со бескрајно гостопримство. Тоа е единствена можност не само за сефардските Евреи, туку и за Ашкеназите и за Мизрахи Евреите да дознаат повеќе за еврејското наследство на Македонија, да се запознаат со малата, но енергична еврејска заедница во земјата и да ја видат убавината на земјата“, додава Ароесте.

На прашањето што би сакала луѓето да знаат за Македонија, таа одговара:

„Малкумина знаат за историјата на Македонија, уште помалку за богатата еврејска историја што се родила таму. Некои од најраните археолошки остатоци од синагоги може да се најдат во Стоби, Македонија; тие датираат од II и III век. По протерувањето од Шпанија, илјадници Сефардски Евреи го преминаа Медитеранот и се населија во регионот.

По Втората светска војна, македонските Евреи цврсто се држеа за својата историја и верски идентитет. Иако еврејската заедница е сведена на скромни 225 лица, главно лоцирани во главниот град Скопје во текот на последните две децении, тие отворија нов синагога/центар на заедницата и најсовремен музеј на холокаустот. Евреите можеби се малубројни, но нивната посветеност на обновата на еврејскиот живот и на споделувањето на нивната историја со своите сонародници е инспиративна.

Ги поканувам луѓето да ми се придружат во поддршката на македонската еврејска заедница во нејзините напори. Ќе помогнеме во расчистувањето на еврејските гробишта во Битола, учејќи во скопскиот Меморијален центар на холокаустот и ќе го поминеме Сабат со современата еврејска заедница во Скопје.

Исто така, сакам луѓето да видат колку е посветено нееврејското население на земјата да ја нагласи својата еврејска историја. Кога бев поканета во Битола минатиот септември бев шокирана кога дознав дека мојата покана, како и сите детали од мојата маршрута, биле иницирани од неевреи. Обичните граѓани ми се обраќаа со месеци за да ја споделат историјата што ја откриле за моето семејство. Тие беа толку желни да ми покажат колку ја ценат еврејската историја на нивниот град и земја. Открив дека тоа е љубезен народ што ги обновува и се грижи за историските еврејски гробишта во Битола, го води македонско-израелското партнерство, го собира и го остава еврејското културно наследство во музеите во земјата и многу повеќе.

Додека се собираме за турнејата ова лето, професионалци и историчари ме контактираа за да ги споделат своите знаења, се понудија да разговараат со нашата група и доброволно да ни покажат еврејски артефакти што ги сочувале.

Исто така, ќе се сретнеме со муслимани од етничките Албанци кои ги спречија антиизраелските протести што беа погрешно насочени кон еврејската заедница на Македонија. Овие граѓански лидери се посветија на соработка со еврејските и со македонските православни колеги за промовирање на меѓурелигиско разбирање и соработка преку предавање за граѓанската храброст наспроти верските и национални идентитети за време на холокаустот при спасувањето животи“, изјави Ароесте.