Македонија аутсајдер на 63. „Евросонг“ според „Вилијам Хил“

Македонското дуо „Ај Кју“ и песната „Изгубено и најдено“ имаат само теоретски шанси за триумф на претстојното 63. издание на музичката манифестација „Песна на Евровизија“ во Лисабон, според британската обложувалница „Вилијам Хил“.

Македонија е во групата од 13 земји од вкупно 43, колку што ќе настапат на натпреварот во Португалија од 8 до 12 мај, кои имаат највисок коефициент за победа од 101. Тоа значи, за 100 вложени евра на Бојан Трајковски и на Марија Ивановска, би се добиле 10.100 во случај да слават во 17. учество на Македонија.

„Ај Кју“ својата песна и видеоспотот ќе ги промовираат утревечер во рамките на „Дневник 2“ на Македонска телевизија од 19:30 часот. Во Лисабон, пак, ќе се појават во првата полуфинална вечер на 8 мај.

Покрај македонската песна, меѓу аутсајдерите на годинашниот „Евросонг“ со идентичен коефициент 101 се и Албанија, Грузија, Унгарија, Исланд, Малта, Молдавија, Црна Гора, Романија, Сан Марино, Србија, Словенија и Швајцарија.

Од поранешна Југославија најдобро котира хрватската претставничка Франка со коефициент 34. Фаворит за триумф е Естонија со коефициент 6, по неа е Бугарија со 7, па Чешка со 9 итн.

Најдобар пласман на Македонија досега е 12. место на Елена Ристеска со нумерата „Нинанајна“ во 2006 година. Откога се воведени полуфиналните вечери во 2004 година, македонските интерпретатори само пет пати учествуваа во финалето, а последна беше Калиопи со „Црно и бело“ во 2012 година. Најмногу поени, 73, освои Каролина со „Мојот свет“ во 2007 година, кога заврши на 14. место.