Македонија би ја стигнала ЕУ за две децении со раст од 5 отсто годишно

Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, ќе ги стигне нивоата на приход во Европска унија за две децении ако бележи годишен раст од најмалку пет проценти, смета Светска банка.

„Реформите и макроекономската стабилност, кои можат да овозможат просечно ниво на раст од 5 проценти годишно, би им овозможиле на земјите од Западен Балкан да конвергираат кон ЕУ за само две децении, наместо за шест“, се вели во извештајот „Западен Балкан: Покренување на моторите за раст и просперитет“ објавен денеска во Виена.

Ако, пак, економиите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија продолжат да растат со просечната брзина постигната меѓу 1995 и 2015 година, ќе им бидат потребни шест децении за да ја достигнат ЕУ, проценува Светска банка.

„Додека просечниот раст во регионот од 5-6 проценти на годишно ниво во годините пред 2008 беше побрз од оној во Европа и во светот, растот се преполови по глобалната финансиска криза – успорувајќи го предкризното конвергирање на земјите од Западен Балкан со животниот стандард на ЕУ и повикувајќи на нов модел на раст базиран на повисока продуктивност и инвестиции, поголем извоз и поголема улога на приватниот сектор“, се додава во извештајот.

Оставете коментар