Македонија игра руски рулет – Пишува Роберт Димитриевски

Македонија избра да биде тревата на која слоновите се борат за превласт. Дента кога Русија тагуваше за 64. жртви во пожар во трговски центар во Кемерово, официјално Скопје застана во редот на 24 земји што донесоа одлука за протерување вкупно 123 руски дипломати во знак на солидарност со Велика Британија во случајот „Скрипал“. За да не испадне дека се истрчале „како прле пред магаре“, министерот за надворешни работи Димитров ќе ја поткрепи одлуката и со тврдењето дека лицето од амбасадата на Русија што ќе биде протерано „се обидувало да добие класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија“.

Додека други тактизираа(т), иако се одамна под закрилата на ЕУ и на НАТО, а Македонија веќе две децении дреме во чекалницата, оставена на милост и на немилост на внатрешни и на надворешни дестабилизатори, вечниот кандидат ги дочека петте минути слава за да се промовира во голем играч на светската политичка сцена. Откако им влепи шлаканица на САД со гласањето во Обединети нации против одлуката на Трамп да ја премести американската амбасада во Ерусалим, сега воспостави рамнотежа во однос на суперсилите со врзувањето „воспитна“ и на Путин.

Шегата настрана, бидејќи одлуката за конфронтација со членка на Совет за безбедност на ОН е толку сериозна што никој во моментов не може да ги предвиди последиците од неа. А дека ќе бидат непријатни за Македонија, во тоа не треба да има сомнеж, посебно ако се има предвид предупредувањето соопштено на македонскиот амбасадор Карајанов минатата недела во Москва. Слично искуство веќе имаме со признавањето на Тајван во 1999 година, со што ѝ брцнавме во око на друга членка на Совет за безбедност, Кина, а тоа резултираше со повлекување на мисијата на УНПРЕДЕП, за две години подоцна да избие конфликтот увезен од Косово.

И Русија, како и Кина, ја признава Република Македонија под уставното име, па втората опасност по безбедносната од протерувањето руски дипломат е свртувањето против себе на сојузник по најважното прашање за Македонците. Повлекувањето на таквото признавање со голема веројатност би стопило значаен дел од бројката од 137 земји што ѝ се обраќаат на Македонија како што сака таа, имајќи го предвид влијанието на Русија во постсоветските републики, во некои јужноамерикански земји, во Африка итн.

Каков може да биде одговорот на Русија на своја кожа почувствуваа Украина и Турција. Ако помине само со реципрочно протерување дипломат, Македонија треба да биде среќна, бидејќи за мала земја како неа голем удар би биле евентуални економски санкции од државата со која лани остварила трговска размена од над 200 милиони долари и чиј пазар апсорбира 60 проценти од македонското овошје и зеленчук.

Со експлицитното заземање страна, наспроти декларативните заложби за еднакво добри односи и со Западот и со Русија, сегашната владеачка гарнитура во Македонија уште повеќе ги зголеми очекувањата од самитот на НАТО во јули во Брисел. Со потегот со кој излезе поголем Ѓукановиќ од Мило, за Заев веќе нема назад – сега го „пере“ само членство во Северноатлантскиот сојуз. Арно ама, подметнувањето грб за Алијансата при бомбардирањето на поранешна СР Југославија не го спречи грчкото вето во Букурешт 2008, па се поставува прашањето зошто сега би било поинаку? Уште едно затворање на книгата за членство без да биде напишано името на Македонија во неа и дефинитивно ќе значи почеток на крајот за премиерот што стави сè на таа карта.

Настрана кој табор е поголем – оние што обвинуваат за вртење грб на близок народ, кој ги признава македонскиот идентитет, јазик и името на државата, од кој лани претседателот Иванов доби признание и притоа неговиот руски колега рече дека писменоста во Русија дошла „од македонската земја“, или другите што во ова гледаат шанса за историски исчекор во остварувањето на државните интереси – Македонија во моментов игра руски рулет. Нејзината Влада го стави револверот на слепоочницата, го заврте буренцето и чека да види што ќе се случи. Ќе пукне ли пиштолот или не, сепак, не зависи повеќе од неа, бидејќи чкрапалото сега е во рацете на – Путин.

 

2 Коментари

Comments are closed.