Американскиот конгресмен Дејвид Прајс во интервју за Глас на Америка изјави дека „не е фер проблемот со името да ја попречи Македонија да стане полноправна членка на Европска унија и на НАТО“.

Но, според него, правилата биле познати, односно секоја држава може да стави вето на членството на друга држава, а тие правила не можат да се сменат.

„Затоа, Македонија и Грција треба заеднички да работат на изнаоѓање прифатливо решение. Се надевам, решение со кое Македонците ќе бидат задоволни и кое ќе ги претставува соодветно. Мора да има отстапки, иако во минатото имам кажано дека Македонија има подобри аргументи“, препорача Прајс.

Конгресменот не сакаше да даде прогноза кога би се решил овој спор, но ја истакна заканата од Русија за Македонија и за Балканот, ако тоа не се случи брзо.

„Мора да бидеме претпазливи. Македонија е суверена држава. САД немаат улога да ѝ кажат на Македонија какви економски и политички врски да воспоставува, но се надеваме дека ќе биде пријателски ориентирана кон нас и кон Европа“, изјави Прајс за Глас на Америка.

Тој планира да ја посети Македонија во наредните неколку месеци.

 

SHARE

Comments are closed.