Македонија осма според глобалниот индекс на климатски ризик

Катастрофалната поплава во скопските села Стајковци, Сингелиќ, Смилковци и Арачиново во август минатата година ја искачи Македонија на осмото место во светот според глобалниот индекс на климатски ризик (КРИ).

Тоа е скок од десет позиции во однос на претходното рангирање од 2015 година, а се должи на 22. жртви или во просек 1,06 на 100.000 жители, како и на проценетата штета од 207,93 милиони долари еквивалентна на 0,678 проценти од бруто општествениот производ.

Хаити лани беше најпогодената земја од климатските промени, а според КРИ во топ 10 следуваат Зимбабве, Фиџи, Шри Ланка, Виетнам, Индија, Тајван, Македонија, Боливија и САД.

Рангирањето што го прави германската еколошка организација „Џерманвоч“ е објавено во рамките на климатската конференција на Обединети нации што се одржува од 6 до 17 ноември во Бон и на која учествуваат околу 25.000 делегати од повеќе од 190 земји во светот.

Индексот КРИ го покажува степенот до кој одделни земји се погодени од екстремни временски појави, како што се топлотните бранови, ураганите, поплавите и други природни катастрофи. Во исто време, аналитичарите го сметаат и бројот на жртвите и економската штета од ваквите настани. Истражувањето на „Џерманвоч“ е базирано на светски признатиот NatCatService, создаден од германската компанија за реосигурување „Минхен Ре“.

Оставете коментар