Македонија останува со аеродром „Александар Велики“ – Колумна на Горан Момироски

Loading...

Македонија и во иднина ќе има меѓународен аеродром со името на големиот антички херој и војсководец, кој пред 23 века освоил половина свет.

Патниците и понатаму при слетувањето и полетувањето ќе бидат информирани дека слетуваат и полетуваат од аеродромот „Александар Велики“.

И покрај одлуката на македонската Влада да го смени името на аеродромот „Александар Велики“ во знак на пријателство со Грција, овие редови не се лага. И во иднина во Македонија ќе функционира аеродром „Александар Велики“.

Едната разлика од нашата претстава за функционирање на аеродром со името на војсководецот е во тоа што наместо на англиски и македонски, на овој аеродром за кој говори авторот на овие редови, патниците ќе добиваат информации за летот на грчки и англиски.

Другата разлика е во географската локација. Аеродромот е лоциран на околу 350 километри од Скопје во градот Кавала во Грција.

Третата разлика е што наместо во Република Македонија, авионите полетуваат и слетуваат во регионот Источна Македонија.

За разлика од македонската страна, која во знак на добра волја се откажа од користење на името Александар Велики, ниту грчките централни власти, ниту регионалните власти во Источна Македонија, воопшто не помислиле да го сменат името на меѓународниот аеродром во Кавала.

Одлуката на Владата во Скопје за промена на имињата на аеродромот и на автопатот, кои за Грција беа трн во окото на грчката античка митологија, не е лоша трговија ако се тие главниот предмет на трговија.

Ако на нив се гледа како на прагматичен дипломатски потег, тој не треба никого во Македонија да вознемирува.

Иднината во ЕУ и во НАТО не треба да е заложник на луѓе што живееле многу пред да постојат македонската и грчката нација во оваа форма во која постојат сега.

Проблемот со повлекувањето на името на војсководецот од патишта и леталишта може да се појави ако со одлуката на премиерот Заев Македонија ја признала ексклузивноста на Грција врз историското наследство на цела античка Македонија.

И тоа не поради некакви наследно-генетски причини, туку поради чисто комерцијални цели, за кои досега постоеше договор дека можат да бидат користени од двете страни.

Ако Грција може да го користи Акександар Велики за име на аеродром, а Македонија не, тоа може да значи дека земјава се откажува од сите слични симболи на античка Македонија.

За Грција овој потег е симбол на откажување на Македонија не само од иредентизмот, туку и од целата антика, дури и од оној дел за кој постои несоборлива аргументација дека бил лоциран на територија на денешна Република Македонија.

Со тоа Атина е во далеку поповолна позиција во неминовната битка за брендот Македонија што ќе се случи без разлика на исходот на преговорите за името. Затоа што во својата суштина станува збор за битка за бренд, за географско потекло и за имиџот што овој регион го има во светската историја, култура и цивилизација.

Грција се надева дека во преговорите ќе успее да добие ексклузивно право да го користи брендот Македонија, пред сè, во англиската форма Macedonian. Овде битката е јасна. Доколку Република Македонија биде преименувана во Горна, Нова или Вардарска, таа покрај другите идентитетски компоненти влегува во ризик да не смее или да не може да го користи златниот збор Macedonian не само за своето вино и ајвар, туку и како дел од своето историско наследство.

Со тоа името Македонија односно Macedonian во „Библијата“ како провокација за странските туристи може да стане ексклузивно грчко и сите антички археолошки наоѓалишта можат да станат новомакедонски или вардарски.

Античката населба Вардарски рид крај Гевгелија е единствената што ќе може да си го задржи именувањето во меѓународните археолошки каталози, особено ако се финансирани од европски пари. И тоа само ако решение за името биде Вардарска Македонија.

За да се избегнат ваквите сценарија, македонската страна мора овие позиции да ги истакне уште првиот ден од вистинските преговори кои ќе започнат наскоро.

За да не ни се случи повторно Коѕиас да нè прозива дека сме се откажале од античката историја, како што тоа го стори кога обвини дека Владата го крие договорот во Давос, за кој премиерот тврди дека никогаш не бил постигнат, туку дека само биле искажани позиции.