Османи откажал учество на конференција поради отсуство на Косово

Македонија одбила да учествува на конференција на земјите од Западен Балкан во Бања Лука со образложение дека на средбата мора да учествува и Косовo.

Косово на средбата не е повикано затоа што под притисок на Белград и Република Српска официјално Сараево не ја признава најновата балканска држава.

Во Бања Лука требало да патува вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, кој ги информирал домаќините дека ако Косово не биде покането и тој нема да патува.

Од Владата за телевизија Сител објасниле дека одлуката ја донел самиот Османи, односно за неа не одлучувала таа.

Учеството го откажал и министерот за надворешни работи на Албанија Дитмир Бушати кој организаторите ги информирал дека нема да патува затоа што „не го почитуваат форматот ЗБ6“, кој предвидува вклучување на сите шест западнобалкански држави во регионалните процеси.

Според Бушати, ниеден договор не може да биде постигнат ако сите држави не се присутни на средбата.