Македонија со џокер во 90′ против Грција – Пишува Горан Момироски

Откако стана извесно дека и покрај шармот на македонските претставници во преговорите и откажувањето од сите црвени линии нема да ја задоволиме Грција, Македонија односно екипата на власт се враќа на позициите што предходно ги избегнуваше. Поточно кажано ги сметаше за провокација.

Во контра предлогот на 5 страници кој е доставен до Атина откако Грција ни испрати предлог од 20 страници преполн со небулози, се наоѓа и дел за “пресудата на Судот на правдата во Хаг по тужбата од Македонија до Грција за непочитување на времената спогодба”.

За прв пат во јавноста на оваа тема од почетокот на “шармирањето” пред три дена проговори и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

На прес конференцијата со Коѕиас Димитров рече дека сегашниот режим на односи меѓу двете земји се потпира на две резолуции на ОН, на Времената Спогодба а “имаме и толкување на Меѓународниот суд за Времената Спогодба” (Судот на правдата во Хаг).

Со споменувањето на пресудата од Хаг и со нејзино вметнување во контра предлогот до Атина како позиција и аргумент, Македонија отстапува од досегашната стратегија од која беа извадени сите аргументи кои што можат да го “иритираат” јужниот сосед.

За добро упатените, враќањето на пресудата од Хаг во игра значи дека Македонија е толку многу притисната до ѕид што нема друг начин за баланс освен да ги искористи правните аргументи добиени од светскиот суд.

Дури и моите информации од Атина да не се најточни и Македонија да не ја споменува конкретно пресудата од Хаг во контра предлогот, самото нејзино споменување на Димитров на прес конференцијата во Скопје во Атина предизвикало иритација. За тоа нема никаков сомнеж.

А реакцијата на иритацијата стигна денеска. Преку пораката на Коѕиас кој по широките насмевки и братски бакнежи и прегратки ни порачува: “напредок има ама ништо без ревизија на уставот”.

Како кога на мало дете му велите “ќе добиеш сладолед ама само ако напишеш домашна задача”.

Пресудата од Хаг за Грција е најнепожелниот македонски аргумент за Грција затоа што освен што е најголем дипломатски пораз претрпен со 15:1, тој е и највалиден правен документ поврзан со спорот за името, кој некогаш бил донесен од тело на ОН и светските сили (нивни судии) без на одлуката да влијае Македонија.

Одговорна опозиција сега нема да ликува и да се фаќа за нападите и критиките на сегашната влада за пресудата кога таа беше централна позиција во преговорите. Туку јавно ќе го поздрави вметнувањето на единствениот наш аргумент за кој Грција нема никаква одбрана.

Дури и ако контурите на возот за НАТО и ЕУ полека се губат кон Евзони.

Еден од проблемите на преговори со експлицитно отфрлање на “црвени линии”, освен што ривалот мисли дека сте во кома, е тоа што без некаква рамка и вие самите со текот на времето, почнувате да лутате во методите и очекуваните резултати.

Или токму тоа бил планот на Македонија во преговорите за името што обичната раја не може да го разбере?!