Македонија ја чека жешка политичко – судска недела

По празникот Рамазан Бајрам и посетата на еврокомесарот за проширување Јоханес хан кој инсистира на брзи реформски чекори на патот кон ЕУ Македонија ја чека една од најнеизвесните работни недели оваа година.

Веднаш по Хан утре пристигнува и групата европски експерти на чело со Рајнхард Прибе човекот кој го напиша извештајот за реформските приоритети пред се во областа на владење на правото, судството, медиумите и битката против корупцијата во 2015 година кои што владата на ВМРО – ДМНЕ не ги спроведе, пишува во својата анализа БИРН.

Утре ќе биде интересно и на судски план затоа што премиерот Заев треба да се појави на судско рочиште по наводите за барање мито во вредност од 200 илјади евра, односно за случајот познат како „Едно евро за Вицето“. Според обвинението Заев од Струмичка фирма барал пари за да издаде дозвола како градоначалник на Струмица.

Во скопските судови ќе биде интересно и задутре, в среда кога екс премиерот Груевски треба да се појави на суд за случај во кој тој според објавените разговори, дава наредба да му се удрат неколку шлаканици на градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски. Овој случај кој го води СЈО е дел од “Бомбите“ на СДСМ.

Неделава пред ќе биде жешка и поради седницата на Врховниот суд на кој ќе се расправа за жалбата од одбраната на 6 Албанци осудени на доживотен затвор за случајот „Монструм“ во кој беа убиени 5 Македонци, 4 деца од Радишани и еден жител на селото Црешево.

Тензиите околку овој случај стануваат се поголеми откако премиерот Заев во неколку наврати најави дека ќе има ревизии на неколку случаи во кои беа судени припадници на албанската заедница во Македонија како Бродец и Сопот.

Финалето на неделава ќе донесе речиси извесно нови обвининенија од страна на Специјалното Јавно Обвинителство затоа што до петок истекува рокот за вакви процесно – правни постапки согласно законот за СЈО.

Јавната обвинителка Катица Јанева веќе најави дека ќе има практична разврска на десетина истраги и предобвинителни акти на кои со месеци работи СЈО. Сите предмети за кои ште се најавени обвиненија се однесуваат на членови на ВМРО – ДПМНЕ.

Како дел од судско – политичките активности неделава е и најавата на СДСМ дека ќе поднесе предлог закон за продолжување на работата на СЈО на што остро се противи ВМРО – ДПМНЕ. За усвојување на таков закон потребно е дво – третинско мнозинство.