Македонија ќе го продолжи безвизниот режим за Русите

Loading...

Македонија го разгледува прашањето за продолжување на периодот во кој државјаните на Русија ќе можат да ја посетат земјата без виза, соопшти македонската Амбасада во Москва.

„Владата на Македонија е во завршна фаза на донесување нова одлука за еднострано укинување на визите за граѓаните на Руска Федерација“, се вели во соопштението, во кое се додава дека безвизниот период ќе важи во периодот од 16 Март 2018 година до 15 март 2019 година.

„За руските државјани е доволно да имаат пасош и осигурување за да влезат на територијата на Македонија. Оваа наредба важи само за кратки патувања – можете да останете во Македонија без виза до 90 дена на секои шест месеци, сметајќи од денот на вашиот прв влез“, стои во објавата на македонското дипломатско претставништво во главниот град на Русија.

Македонија е прилично популарна дестинација кај руските туристи, кои ги привлекува не само со своите културни и природни атракции, туку и со екстремните видови туризам, како што се летовите со параглајдер.

Засега туристите од Русија доаѓаат во Македонија најчесто со комбинирани туристички тури со соседните земји. Пред неколку години Агенцијата за промоција на туризмот им понуди на руските туроператори заедничко организирање чартер-летови, а имаше обид да се воспостави и директна авиолинија.