Договор за користење на 86 милиони евра за подобрување на македонската инфраструктура беше потпишан денес со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) на Инвестицискиот форум за Западен Балкан што се одржува во Лондон.

Средствата се всушност вториот дел од заемот од вкупно 181 милиони евра од ЕБОР, со кој е предвидено да се реконструираат 26 делници од регионални и локални патишта во вкупна должина од 400 километри.

„Ни претставува задоволство што придонесуваме во развојот на националната инфраструктура и во интеграцијата на Западен Балкан која е круцијална за поттикнување на трговијата и развојот“, изјави претседателот на ЕБОР, Сума Чакрабарти.

Договорот, од македонска страна, го потпиша министерот за финансии, Драган Тевдовски според кој обезбедувањето на одржлива инфраструктура е еден од клучните приоритети на македонската влада на власта.

На дводневниот Форум во Лондон присуствуваа сите лидери на земјите од Западен Балкан кој укажаа на важноста од изградбата на транспортните коридори 8 и 10 за просперитетот на регионот.

Во четврток предвидена е средба во ист состав во Софија на која се очекува да присуствува и претседателот на Европската Комисија, Жан Пол Јункер, кој неделава е во обиколка на Балканот.