Македонка посвоена во САД по 38 години се спои со татко ѝ во Сиднеј! (ВИДЕО)

Животната сторија на Нина Круз, која е родена во Македонија, посвоена како бебе во САД и која на 38 години се спои со својот биолошки татко Петре Цуцулоски во Австралија, предизвика голем интерес на телевизијата Плус 7.

Нејзините родители не можеле да се грижат за неа, па на осуммесечна возраст ја дале на посвојување на македонско-американска двојка од Мичиген. Кога станала возрасна, Нина се обидела да ги пронајде своите вистински родители, но, поради малкуте документи, не успевала во тоа. Сепак, нејзината пријателка Тара Гибсон ја охрабрила да направи тест на ДНК и да ги бара роднините преку социјалните мрежи. Пет месеци подоцна потрагата ќе ја одведе во Австралија, каде што ќе се сретне со својот татко, со полусестрата и со своето ново семејство.

„Беше толку вистински“, вели Нина за средбата на аеродромот во Сиднеј. „Многу е тешко да се опише. Тоа е навистина остварување на сонот. Срцето ми чукаше. Бев по малку нервозна. Беше убаво, прекрасно“.

„Бев многу, многу среќен. По долго време, по 30-тина години конечно се сретнав со мојата ќерка“, ги сподели емоциите таткото Петре.

Другарката Тара, пак, објасни како со примерокот од ДНК дошле до братучед на Нина, кој ги одвел до нејзиниот татко. Дознале дека тој се вика Петре, живее во Австралија, па преку „Гугл“ откриле дека тој има свој профил на „Фејсбук“, за на крајот да се покаже дека токму тој е човекот што го барале!

Видеото може да се погледа на следниот линк, по рекламата:

https://au.tv.yahoo.com/plus7/sunrise/-/watch/38134252/adopted-woman-finally-reunites-with-her-aussie-dad/?cmp=st

Оставете коментар