Македонската амбасадорка во Белград повикана во српското МНР

Амбасадорката на Македонија во Србија, Вера Јовановска Типко денеска е повикана во Министерството за надворешни работи на Србија во врска со последните тензии меѓу Белград и Скопје.

Српската новинска агенција Танјуг објавува дека амбасадорката била повикана да даде објаснување за прислушувањето на српските дипломати и новинари, како и на претставниците на Србите во Македонија.

Од неа, како што јавува Танјуг, исто така ќе биде побарано објаснување за македонските државни органи за тоа како транскриптите од прислушуваните разговори стигнале во српските медиуми.

Како што пренесува Танјуг, од амбасадорката во Македонија се очекува и одговор на прашањето дали други амбасадори во Скопје чии претставници од безбедносните служби биле присутни во Собранието, заедно со српскиот, се повикани на разговор во министерството за надворешни работи во Скопје, или тоа е направено селективно, само за српскиот амбасадор.

Српската мрежа за истражување, криминал и корупција, КРИК, објави транскрипти според коишто српскиот новинар Мирослав Лазански и македонскиот пратеник Иван Стоиљковиќ заедно со припадникот на српската тајна служба Горан Живаљевиќ спроведувале медиумска пропаганда во Македонија во корист на поранешниот премиер Никола Груевски и на руската политика.

SHARE