Македонски инвестиции во Индија, во градот на Мајка Тереза

Родната земја на Мајка Тереза сака да инвестира во покраината Западен Бенгал, во градот Калкута каде што живееше и работеше светицата, со цел да ги засили трговските врски со Индија, тврдат дел од медиумите во оваа земја.

Според ијавата на Намит Бајорија, почесен конзул на Република Македонија во Индија, земјава работи напорно не само да има културни врски со Бенгал току и да идентификува и создаде бизнис можности меѓу двете нации.

„Бев во можност преку присуство на мојот амбасадор за прв пат да разговараме како земја партнер идната година“, изјавил Бајорија за индиски медиуми. Според него амабсадорот на Македонија во Индија Тони Атанасовски бил присутен на бизнис самит во Индија и бил импресиониран од можностите на државата.

„Бизнис форумот кој се одржа од 15 до 17 јануари докажа дека е одлична платформа за засилување на односите меѓу многу странски земји вклучително и Македонија и Западен Бенгал. Македонија како земја има посебни културни релации со Западен Бенгал поради Мајка Тереза која е родена во Скопје а најголемиот дел од животот го минала во градот Џој“, изјавил македонскиот амбасадор Атанасовски.

Според него амбасадата на Македонија во Њу Делхи успешно промовира економски, култирни и трговски релации со Индија.

„Постои потенцијал за овие релации да растат и да бидат повеќе промовирани со организирање на бизнис делегации од Калкута и Македонија. Ја посетив Калкута повеќе пати во последниве 10 години и работев со Бајорија да организираме бизнис и културни настани во Калкута“ дополнил амабсадорот Атанасовски кој во цитираните изјави не споменува директно инвестиции но индиските медиуми оббјавуваат наслови во кои се тврди дека Македонија е подготвена за инвестиции во Индија.