Македонскиот извоз во Русија лани зголемен за над 10 проценти

Трговската размена меѓу Русија и Македонија во 2017 година се зголеми за 5,6 проценти и достигна вредност од 202,6 милиони долари, според податоците на Македонско-руска стопанска и индустриска комора.

Испораката на стоки од Русија во Македонија и понатаму има поголем удел во структурата на трговијата меѓу двете земји, а минатогодишниот раст на заемната размена се должи, пред сè, на зголемувањето на понудата на македонски стоки на рускиот пазар.

Македонските компании лани во Русија извезле стоки во вредност од 54,1 милиони долари, што е за 10,6 отсто повеќе од претходната година. Во спротивен правец, од Русија кон Македонија, заминале стоки вредни 148,4 милиони долари, што претставува зголемување од 3,9 отсто.

Русија увезувала од Македонија главно производи од земјоделството и од прехранбената индустрија, а основата на рускиот извоз во балканската земја била енергијата.

Македонија во минатата година во целина ги зголеми и увозот (за 14,2 проценти) и извозот на стоки во странство (за 18,5 отсто), а главни трговски партнери ѝ беа Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.

 

Оставете коментар