Македонскиот пасош вреден колку тој на Тонга

Македонија забележа мал напредок на пасошкиот индекс за 2018 година, рангирање врз основа на бројот на држави во кои може да се патува без виза, кое го изработува глобалната финансиско-консултативна фирма „Артон капитал“, каде што го дели 81. место со Тонга благодарение на безвизниот режим со 112 земји.

Во однос на претходната листа, македонскиот пасош се искачи за три места во конкуренција на 199 држави и со него може да се патува без виза во четири земји повеќе отколку лани.

Првото место го делат Сингапур и Јужна Кореја, чии државјани можат слободно да патуваат во 162 земји. Веднаш зад нив се Германија и Јапонија со по 161, следуваат Данска, Шведска, Финска, Италија, Франција и Шпанија со по 160 итн.

Од државите во опкружувањето највреден пасош има Грција, со кој без виза може да се патува во 157 земји. Подобри од Македонија во овој поглед се и Словенија (153), Романија (149), Бугарија (149), Хрватска (148) и Србија (116), а подолу се Турција (110), Црна Гора (108), Босна и Херцеговина (103), Албанија (100) и Косово (43).

На дното на листата е Авганистан, чии граѓани можат да влезат без виза само во 26 земји.

 

SHARE